НА 16 НОЕМВРИ ВО ЧИФТЕ АМАМ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБА НА 20 ДЕЛА ОД ДИТА СТАРОВА-ЌЕРИМИ

    НА 16 НОЕМВРИ ВО ЧИФТЕ АМАМ СЕ ОТВОРА ИЗЛОЖБА НА 20 ДЕЛА ОД ДИТА СТАРОВА-ЌЕРИМИ„Верувам дека и во најтивките моменти на постоењето има простор за светлина, надеж и нови почетоци“, вели уметницата. (Фото: Фејсбук)

    „Уметноста на оддалеченоста“ (The Art of Distance) е насловена изложбата на сликарката Дита Старова-Ќерими, која ќе се отвори на 16 ноември во 19 часот во Чифте амам, објект на Националната галерија на Македонија (НГМ).

    Изложбата претставува нов циклус од 20 сликарски дела, во кои, како што вели кураторот Горанчо Ѓорѓиевски, авторката го истражува односот помеѓу човечката блискост и оддалеченоста, присуството и отсуството, сеќавањето и трајноста на емоционалните врски.

    „Моето сликарство се развива од потребата да го истражувам тој простор меѓу присуството и отсуството, блискоста и оддалеченоста, човекот и природата. Верувам дека и во најтивките моменти на постоењето има простор за светлина, надеж и нови почетоци“, вели уметницата, која беше директорка на Националната галерија од 2015 до 2024.

    Изложбата „Уметноста на оддалечувањето“ претставува нов циклус од 20 сликарски дела. (Фото: НГМ)

    Според кураторот Ѓорѓиевски, сликарството на Старова-Ќерими ги надминува строгите граници помеѓу апстрактното и фигуративното, претставувајќи визуелен израз на внатрешните состојби, творечката енергија и на човековата потрага по сопствената суштина.

    „Цветните мотиви, човечките силуети и динамичните колористички односи создаваат композиции што повикуваат на лично доживување и интерпретација“, вели кураторот.

    Старова-Ќерими е сликарка, доктор на науки и професорка на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ колеџ Скопје“. Од првите изложбени претставувања во 2001 до денес, нејзиното творештво е претставувано во земјата и во странство, вклучително и во Париз, Њујорк, Цирих и Истанбул. Нејзини дела се застапени во музејски и приватни колекции, а за својот уметнички и професионален придонес е добитничка на повеќе домашни и меѓународни признанија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира