НА 4 ЈАНУАРИ МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА НА „СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА ВО МНТ, ПО ПРАЗНИЦИТЕ ЌЕ ИГРА В КИНО НИЗ ДРЖАВАТА

    НА 4 ЈАНУАРИ МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА НА „СИЛЈАН“ НА КОТЕВСКА ВО МНТ, ПО ПРАЗНИЦИТЕ ЌЕ ИГРА В КИНО НИЗ ДРЖАВАТАНа проекцијата во МНТ ќе биде присутна целата филмска екипа на „Силјан“.

    На 4 јануари во 20:30 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) премиерно ќе се прикаже документарниот филм „Силјан“ на режисерката Тамара Котевска, соопшти продукцијата. Билетите ќе бидат пуштени во продажба на 29 декември преку платформата на drugastrana.mk. По празниците, филмот ќе продолжи да се прикажува во Скопје и низ останатите македонски градови. Од продукцијата велат дека сѐ уште се во преговори, штом се потпишат договорите, јавноста ќе биде информирана за тоа во кои киносали и од кога ќе игра.

    На проекцијата во МНТ ќе биде присутна целата филмска екипа на „Силјан“.

    „Силјан“ не влезе во потесниот избор за номинација за Оскарите, ниту во категоријата за Најдобар странски филм, каде беше македонски кандидат, ниту за Најдобар документарец. Во септември „Нешнл џиографик документари филмс“еден од најреномираните светски дистрибутери на документарци, го откупи „Силјан“ за прикажување, а на 28 ноември ја имаше американската кинопремиера во Њујорк.

    „Силјан“ имаше светска премиера на годинешниот Венециски фестивал, вон конкуренцијата за награди во документарната програма. Пред две недели освои две награди на Меѓународната Асоцијација за документарни филмови – ИДА за најдобар документарен филм и најдобра камера, а доби и номинација за најдобар филм за престижната американска награда Независен дух (Independent Spirit), која е предвесник на Оскарите. Доби и номинација за награда на Здружението на продуценти на Америка (Producers Guild of America -PGA). Котевска и кинематограферот Жан Дакар, кои се продуценти на филмот, се номинирани во категоријата Најдобар продуцент на документарен филм.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира