Околу 100 дела од Владимир Георгиевски, еден од столбовите на македонската современа уметност, содржи изложбата која ќе се отвори вечерва во 20 часот во Музејот на Град Скопје. Изложбата се состои од дела на уметникот, кој почина во 2017, работени во ликовните техники масло на платно, темпера, пастел, туш, молив во боја и акварел. Куратор на изложбата е Емил Алексиев, а вечерва ќе биде промовирана и монографија за неговото творештво.
Последната изложба му беше „Страдањата на Дон Кихот“, во април 2016 во Музејот на Град Скопје, а во јуни истата година беше поставена и во театарот „Палас“ во Париз. Изложбата беше дел од големото одбележување на 400 години од смртта на најголемиот шпански писател Мигел де Сервантес.
„Дон Кихот е секој од нас, секој човек оди по сопствената Голгота, а најчувствителни се креативците. Страдањата на овој познат книжевен лик се страдања на секој уметник, негова лична биографија“, рече тогаш Георгиевски.
Георгиевски е роден 1942 Скопје. Во 1963 завршил Училиште за примена уметност во Скопје. Истата година ги започнал студиите на Ликовната академија во Белград, каде и дипломирал во 1968 година. Постдипломски студии завршил на истата академија, во класата на професор Младен Србиновиќ. По враќањето од Белград во 1972, го раководел уметничкиот оддел при Младинскиот културен центар (тогашен Дом на млади 25 мај). Меѓу 1980 и 2012 бил професор по цртање, сликање и пластично обликување на Факултетот за архитектура во Скопје. Една деценија во 1990-тите, предавал и естетика на простор, историја на модерна уметност, како и сценографија на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Бил професор и на Факултетот за аудио-визуелни уметности во Скопје.
Неговите сценографски и костимографски решенија беа дел од многубројните театарски претстави и неколку домашни играни филмови. Голем број негови дела се наоѓаат во приватни збирки во Македонија и надвор од неа. Има реализирано од 1977 година (1977 Белград; Скопје, Музеј на современата уметност) до 2016 година (2016 Скопје, Музеј на град Скопје) дваесет и пет (25) самостојни изложби во Скопје, Белград, Виена, Истанбул, Рим, Киев, Санкт Петерсбург и Софија.
Добитник е на највисока државна награда за животно остварување во областа на уметноста и културата. Неколкупати е наградуван и за неговата работа во театар.
Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Град Скопје во соработка со легатите на уметникот.
Б. НЕСТОРОСКА