Анета Бошевска од Битола, пациентка со дијагностицирана мултиплекс склероза, на која пред 6 години ѝ беше утврдена инвалидност од прв степен и дадена времена инвалидска пензија, не само што остана без пензијата, туку државата ја тужи и бара да врати околу половина милион денари (25.000 евра) што ѝ ги исплаќала во последните две години.
Проблемот настана откако таа не се јави на контролниот преглед на 31 јануари 2024 година, за што вели дека не добила уредна покана, а иако законот предвидува да се запре пензијата во таков случај, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОСМ) продолжил да ѝ плаќа до јануари 2026.
Бошевска вели дека во јануари 2026 била известена да ги обнови документите, да се јави на преглед за пензијата да ѝ биде продолжена понатаму, за по две недели да дознае дека е донесено решение да ѝ се укине ретроактивно за две години наназад. Таа сега треба да врати 407.355 денари. Бошевска е во лоша здравствена состојба, во инвалидска количка, мајка на две малолетни деца, а додатоците по основ на инвалидност ѝ се единствената средства за живот.
„Ова е жално и комично, покрај тоа што крај ваква дијагноза имав времена наместо трајна пензија, уште ме бараа да ми дадат пари за потоа да ми ги земат. Јас прашувам зошто не ми ја укинале пензијата вториот, третиот, четвртиот месец откако не се јавив на преглед? Тоа ќе ми дадеше индиции дека нешто не е во ред, дека нешто е пропуштено. Тие две години ме исплаќаа. Бидејќи претходно ја имав поднесено документацијата, мислев дека ја промениле пензијата во трајна, дека има некаква законска измена. По ова ме советуваа да поднесам жалба, за Државната комисија за одлучување по управна постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен да ја отфрли. Им напишав: ‘Земете ми ги рацете, нозете и душата, оставете ме’“, вели Бошевска.
Таа во два претходни наврати, во 2020 и 2022 година, се јавувала на закажаниот контролен преглед, па пензијата ѝ била продолжувана. Но, на терминот 31 јануари 2024, не се јавила зашто вели дека не била известена, а имала и здравствени компликации.
„Бев префрлена на новиот лек ‘окревус’, кој тешко го поднесував, буквално ме заспиваше. Три дена можев да спијам и ништо да не сетам. Мојата состојба им беше позната на психијатрите и невролозите. Поради сплет на околности се преселив кај баба ми, која остана сама зашто мајка ми почина од истата дијагноза. Доаѓаа социјални работници, гледаа во какви услови живеевме. Од болеста често паѓав, удирав глава, губев свест. Добивав панични напади, се разболев и од бронхопневмонија. Но, нема кој да ме ислуша. До канцеларијата на ПИОМ во Битола нема ни лифт, а јас не можам по скали“, вели таа.
Прашува како успеале другите служби од кои добива додаток за туѓа нега и мобилност да ја најдат за навреме да се јави на контрола?
„Покрај вакви дијагнози, место да ги добиеме трајно додатоците, мора да одиме по комисии на 6 месеци, на 2 години“, вели таа.
Од Фондот на ПИОСМ ни одговорија дека изготвуваат решенија со кои се дава правото за користење инвалидска пензија и во кои секогаш е наведен терминот за контролен преглед утврден од Комисијата за процена на работна способност.
„Лицата корисници се должни да се јават на него и да водат сметка за датумот кога треба да се јават. Во конкретниот случај, во Решението донесено на 17.02.2022 година е наведено дека контролниот преглед е на 31.01.2024 година. Именуваната еднаш веќе била на контролен преглед, така што ѝ била позната процедурата. Според информациите од Филијалата Битола, Бошевска е контактирана, но не одговарала на повиците. Во сите случаи во кои корисниците не се јавиле на контролен преглед се запираат исплатите на пензиите кога Фондот ќе ја добие информацијата за тоа“, одговорија од Фондот на ПИОСМ.
Од таму веќе поднеле тужба за поврат на средствата во висина од 407.355 денари. На прашањето зошто биле потребни две години да се запре исплатата, телефонски ни беше кажано дека тоа е процедура со известувања која трае. Но, дека на Бошевска ќе ѝ биде дадена можност одново да конкурира за инвалидска пензија, а износот да го враќа на рати преку пензијата.
Во решението на Државната комисија пишува дека Фондот, стручна служба Битола, донел решение за прекин на пензијата на 30 јануари 2026, а сметано од 31.01.2024 година. Цитиран е Законот за пензиско и инвалидско осигурување, член 130 став 7, дека правото на инвалидска пензија престанува доколку корисникот не се јави на задолжителен лекарски преглед, и став 8, дека му се запира исплатата и го губи својството на пензионер. Но, не пишува никаде зошто две години пензијата не била укината и дали смеело тоа да се направи ретроактивно.
Сега, како правна поука, на Анета ѝ останува решението да го обжали пред Управниот суд. Но, таа вели: „од каде пари и сила за тоа?“.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



