НАД МИЛИЈАРДА ДЕНАРИ ЌЕ БИДАТ ПОДЕЛЕНИ ЗА ПОДДРШКА НА КУЛТУРНИ ПРОЕКТИ ВО 2022, НАЈМНОГУ ДОБИЈА МУЗИЧКАТА ДЕЈНОСТ И ИЗДАВАШТВОТО

    НАД МИЛИЈАРДА ДЕНАРИ ЌЕ БИДАТ ПОДЕЛЕНИ ЗА ПОДДРШКА НА КУЛТУРНИ ПРОЕКТИ ВО 2022, НАЈМНОГУ ДОБИЈА МУЗИЧКАТА ДЕЈНОСТ И ИЗДАВАШТВОТОMинистерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на објавувањето на резултатите од конкурсот, (Фото: Министерство за култура)

    Над една милијарди денари ќе бидат поделени во рамките на годинашната програма за финансирање проекти од областа на културата, но министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска не прецизираше колку од валидните 3.769 пријави добиле поддршка. Најавувајќи ги резултатите од „Годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата за 2022 година“, кои детаљно се објавени на сајтот на Министерството за култура, таа кажа дека најмногу средства ќе добијат музичката дејност и издаваштвото.

    „Буџетот за поддршка на проектите за оваа година изнесува 1,53 милијарди денари, што е 66 милиони повеќе во споредба со 2021. Дадовме предност на домашната жива култура, млади автори, автори кои досега не биле поддржани, лица со посебни потреби и водевме сметка за правична етничка и родова застапеност“, кажа Костадиновска-Стојчевска.

    Таа истакна дека средства од буџетот ќе добијат 24 национални установи и дека се одобрени над 80 милиони денари за заштита на културното наследство, што, меѓу другото, ги вклучува црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, сарајот на Нијази бег во Ресен, Виничко кале, Скопски аквадукт и Спомен-куќата на Лазар Личеноски.

    „За да нема притисоци од разни страни најмногу ни помогна електронската пријава. Водевме сметка за квалитетот и издржаноста на проектите. И покрај јасните услови, има лица кои аплицирале за повеќе дејности и такви пријави автоматски се одбиени. Некои очигледно гледаат тежок бизнис во овој конкурс и од таквите очекуваме да има најсилни реакции“, кажа Костадиновска-Стојчевска.

    Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Весна Димовска; за драмска дејност – Синоличка Трпкова; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Јашар Сејдиу; за музичка и музичко-сценска дејност – Бранка Костиќ-Марковиќ; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Соња Абаџиева; за интердисциплинарни проекти – Зоран Петровски; за меѓународна дејност – Енвер Абдулахи; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Валентино Димитровски; за музејска дејност – Фросина Зафировска; за библиотечна дејност – Славица Србиновска.

    Г. КОНЕВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира