„Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска е годинашниот македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија. Одлуката денеска ја донесе Комисијата за избор, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, со која претседаваше режисерто Игор Иванов–Изи, а членови се Бранко Петровски – продуцент, Марија Димитрова – продуцент, Куштрим Бектеши – режисер, Милка Анчевска – кастинг директор, Милан Тоциновски – монтажер, Сандра Чевреска – сценограф и Валдета Исмаили – актерка.
Во конкуренција за кандидатурата беа и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески, „Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Мими“ на Даријан Пејовски.
Филмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти.
„Најсреќниот човек на светот“ е целосно на босански јазик и главнината на актерската екипа се босански и хрватски актери. Играат и Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ. Филмот е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска и најголем дел од екипата доаѓа од БиХ, вклучувајќи ја косценаристката Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснована приказната.
„Ова е приказната на Елма, за нешто што ѝ се случило на неа и таа беше великодушна да ја сподели со мене. Кога почнавме да работиме на филмот, ѝ реков: ‘Елма, јас сум Македонка, дали имам право?‘ И таа ми рече: ‘Тоа е моја приказна и те избрав тебе‘. Важно е да се зборува за војната, зашто видете што се случува денес во Украина. Овој филм зборува за тоа што значи да се живее во војна 30 години откако таа е завршена“, изјави Митевска на премиерата во Венеција.
Веднаш во венециската премиера, филмот имаше и американска премиера во селекцијата на фестивалот во Торонто.
95. церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 12 март 2023, во театарот Долби во Лос Анџелес.