„НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА ОСКАР

    „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА Е МАКЕДОНСКИ КАНДИДАТ ЗА ОСКАРФилмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти. (Фото: Мостра)

    „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска е годинашниот македонски кандидат за Оскар во категоријата најдобар меѓународен филм, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија. Одлуката денеска ја донесе Комисијата за избор, прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука, со која претседаваше режисерто Игор Иванов–Изи, а членови се Бранко Петровски – продуцент, Марија Димитрова – продуцент, Куштрим Бектеши – режисер, Милка Анчевска – кастинг директор, Милан Тоциновски – монтажер, Сандра Чевреска – сценограф и Валдета Исмаили – актерка.

    Во конкуренција за кандидатурата беа и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески, „Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Мими“ на Даријан Пејовски.

    Филмот на Митевска на 2 септември имаше светска премиера на фестивалот во Венеција во програмата Хоризонти.

    „Најсреќниот човек на светот“ е целосно на босански јазик и главнината на актерската екипа се босански и хрватски актери. Играат и Ана Костовска, Лабина Митевска, Николина Кујача како и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева во епизодни улоги, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ. Во актерската екипа се и Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ и Кемал Ризвановиќ од БиХ. Филмот е копродукција на Македонија, Словенија, Хрватска, Белгија, БиХ и Данска и најголем дел од екипата доаѓа од БиХ, вклучувајќи ја косценаристката Елма Татарагиќ, врз чија вистинска приказна е заснована приказната.

    „Ова е приказната на Елма, за нешто што ѝ се случило на неа и таа беше великодушна да ја сподели со мене. Кога почнавме да работиме на филмот, ѝ реков: ‘Елма, јас сум Македонка, дали имам право?‘ И таа ми рече: ‘Тоа е моја приказна и те избрав тебе‘. Важно е да се зборува за војната, зашто видете што се случува денес во Украина. Овој филм зборува за тоа што значи да се живее во војна 30 години откако таа е завршена“, изјави Митевска на премиерата во Венеција.

    Веднаш во венециската премиера, филмот имаше и американска премиера во селекцијата на фестивалот во Торонто.

    95. церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 12 март 2023, во театарот Долби во Лос Анџелес.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира