„НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ЌЕ ИМА СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ВЕНЕЦИСКИОТ ФЕСТИВАЛИако е сниман главно во Скопје, филмот се случува во Сараево и целосно се зборува на босански. (Фото: Продукција на филмот)

    „Најсреќниот човек на светот“ на Теона Стругар Митевска ќе има светска премиера на Филмскиот фестивал во Венеција, но нема да се бори за главната награда Златен лав, туку ќе учествува во паралелната официјална натпреварувачка програма Хоризонти со вкупно 18 филмови. Венециска Мостра ќе се одржи од 31 август до 10 септември.

    Откако во 1994 „Пред дождот“ на Милчо Манчевски го освои Златниот лав, а во 2001 неговиот филм „Прашина“ го отвори фестивалот и во 2013 со „Четврток“ по повод 70-годишнината на Мостра беше поканет во екипата режисери да сними краток филм, ова е вторпат македонски филм да биде во селекцијата на Венеција – во 2002 „Судијата“ на Жанета Вангели беше во една во специјалните програми. Во 2012, Манчевски беше во жирито токму во селекцијата Хоризонти.

    Претседателка на жирито за Хоризонти годинава е шпанската режисерка Изабел Коиксет.

    Филмот на Митевска е македонска мнозинска копродукција со 5 земји, меѓу кои и БиХ. Директорот на фестивалот Алберто Барбера, денеска при презентацијата на селекцијата го претстави филмот како „продукција на БиХ иако режисерката е од Македонија, со приказна во Сараево“, а  во целиот филм во кој главнината се босански глумци се зборува на босански јазик поради автентичност, како што објаснуваат од екипата.

    „Горди сме и среќни што можеме да соопштиме дека филмот на македонската авторка Теона Стругар Митевска, ‘Најсреќниот човек на светот‘, премиерно ќе се прикаже во Венеција. По 20 години, Македонија повторно има претставник во Венеција. Јас имав чест да бидам таму со ‘Пред дождот‘. Филмот се снимаше пет и пол недели, најголем дел во Универзитетската библиотека „Свети Климент Охридски‘ и за таа цел, во Скопје допатува креативен тим од цела Европа, а на сетот често имаше и 40 актери одеднаш“, изјави Лабина Митевска, актерка и копродуцентка на филмот, додавајќи дека засега не е познат датумот на проекцијата во Венеција.

    Засега не е познат датумот на проекцијата. – Актерка и копродуцентка Лабина Митевска и директорот на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски.  (Фото: СДК.МК)

    „Најсреќниот човек на светот“ е шестиот игран филм на Теона Митевска и следува по „Господ постои, името ѝ е Петрунија“, кој беше во конкуренција на Златна мечка на Берлинале во 2019. Таа го напиша сценариото заедно со Елма Татарагиќ, која, како и најголем дел од екипата, доаѓа од БиХ.

    „За мене е голема чест да се биде дел од најстариот и еден од највлијателните фестивали на светот, возбудата и радоста се големи. Соочувањето со публиката е клучниот елемент во нашето создавање. Овој филм го гледам како симфонија на кореографирани движења кои ги размотуваат слоевите на емоции, полека обвивајќи го гледачот до точка на вртоглавица. Локацијата е клучна: хотел во стилот на осумдесеттите, сведок на архитектонскиот стил од бивша Југославија: бетонски брутализам или модернизам, а потоа тука е ранетиот град Сараево, сведоштво за отворените рани и болките од минатото. Тука се поставуваат прашањата, што нè одредува: нашата етничка, религиска или родова припадност? Што нè раздвојува или спојува? Ова е приказна за непредвидливоста на животот, случајните средби помеѓу напаѓачот и жртвата, оживувањето на болното минато; ова е приказна за невозможни спојки, за љубовта и апсурдноста. Филмот започнува како хумористична екскурзија и се развива во планина од наслоени искуства. Филмот е базиран на вистинска приказна и тоа директно од авторот на сценариото Елма Татарагиќ“, вели во пишаната изјав режисерката Митевска.

    Директорот на фестивалот Алберто Барбера, денеска при презентацијата на селекцијата го претстави филмот како „продукција на БиХ иако режисерката е од Македонија, со приказна во Сараево“, а  во целиот филм во кој главнината се босански глумци се зборува на босански јазик поради автентичност, како што објаснуваат од екипата. (Фото: Принтскрин од видео)

    Филмот се случува во Сараево и е заснован на вистинска приказна на косценаристката Татарагиќ. Дејството ги следи 40-годишната Асја и 43-годишниот Зоран, кои се запознаваат на настан на барање партнер. Сепак, Зоран не бара љубов, туку прошка. За време на војната во БиХ, тој пукал на градот од противничката страна и сака да ја запознае својата прва жртва.

    Филмот се снимаше на локации претежно во Скопје 5 недели, а една недела во Сараево. Од македонските актери, во филмот играат Ана Костовска, Николина Кујача и Лабина Митевска, додека главните улоги ги толкуваат Јелена Кордиќ-Курет и Аднан Омеровиќ, а играат и Фирдауз Неби, Џевдет Јашари и Зорица Нушева од Македонија во низа епизодни улоги заедно со Ксенија Маринковиќ од Хрватска, Изудин Бајровиќ, Ирма Алимановиќ, Ведрана Божиновиќ, Мона Муратовиќ, Синиша Видовиќ, Кемал Ризвановиќ од БиХ.

    Со буџет од 1.45 милиони евра, филмот е копродукција на Македонија, БиХ, Данска, Хрватска, Словенија и Белгија, при што Агенцијата за филм учествуваше со 487.000 евра, а доби поддршка и од Еуримаж. Францускиот „Пирамид“, еден од најголемите европски продажни агенти, ги има правата за пласирање и на новиот филм на Митевска.

    Лабина Митевска е носечка продуцентка на филмот преку нивната компанија „Сестри и брат Митевски“. Директорка на фотографија е Белгијката Вирџини Сент Мартен, сценограф е Вук Митевски, костимите ги изработи Словенката Моника Лорбер, шминката е на Мојца Горогранц-Петрушевска, а монтажер е Пер Киркегард од Данска.

    Г. КОНЕВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира