„НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА СТРУГАР МИТЕВСКА ДОБИ ПОДДРШКА ОД ЕУРИМАЖ

    „НАЈСРЕЌНИОТ ЧОВЕК НА СВЕТОТ“ НА ТЕОНА СТРУГАР МИТЕВСКА ДОБИ ПОДДРШКА ОД ЕУРИМАЖЕуримаж на сесијата во јуни финансиски поддржа 49 меѓународни филмски копродукции од 96 пријавени проекти. (Фото: Еуримаж)

    Македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска и копродукцијата со македонско малцинско учество „Празник на трудот“ на Пјер Жалица добија поддршка од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж на втората сесија годинава, вели Тања Ќурчинска-Пепељугоска, македонска национална претставничка.

    На својата редовна 163. сесија. која се одржа во јуни, Еуримаж финансиски поддржа 49 меѓународни филмски копродукции од 96 пријавени проекти.

    Како што објави Еуримаж, во категоријата долгометражни играни филмови високо е оценет проектот на Митевска, каде носител е Северна Македонија, во копродукција со Данска, Белгија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Во оваа категорија е поддржан филмот на Жалица, копродукција помеѓу Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Северна Македонија. И во овој проект, како и во претходниот, македонски копродуцент е „Сестри и брат Митевски“ од Скопје.

    „Како и на претходната сесија во март, и сега, европската поддршка за македонската кинематографија пристигнува во сѐ уште тежок и неизвесен ковид или постковид период. Македонските филмски проекти сѐ почесто се препознаваат во локалните филмски фондови на европските држави, но и во најзначајниот и најпрестижен филмски фонд Еуримаж, специјализирано тело при Советот на Европа“, вели Ќурчинска-Пепељугоска.

    На првата сесија на Еуримаж во март, поддршка добија седмиот филм на режисерот Милчо Манчевски, „Кајмак“, чие снимање почнува на 6 јули, како и два филма во кои има македонско малцинско копродуцентско учество, „Живи и здрави“ на Иван Мариновиќ, копродукција на Црна Гора, Србија, Хрватска и Чешка и „Долината на Шарко“ на Петра Селишкар, копродукција на Франција и Словенијиа.

    Еуримаж од своето основање во 1989 поддржал 2.209 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 635 милиони евра.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира