„КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ ДОБИ ПОДДРШКА ОД ЕУРИМАЖ

    „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ ДОБИ ПОДДРШКА ОД ЕУРИМАЖ„Кајмак“ е седмиот филм на Милчо Манчевски, а е копродукција меѓу Македонија, Данска и Бугарија. (Фото: Филмски фестивал Златен коњ Тајпеј)

    „Кајмак“, седмиот филм на Милчо Манчевски, доби поддршка од Европскиот фонд за копродукција и дистрибуција на креативни кинематографски и аудиовизуелни дела – Еуримаж, на првата сесија во 2021 година. „Кајмак“, во кој Северна Македонија е носител на проектот, е копродукција со Данска и Бугарија, а во оваа сесија на Еуримаж поддржани се два филма во кои има македонско малцинско копродуцентско учество, „Живи и здрави“ на Иван Мариновиќ копродукција помеѓу Црна Гора, Србија, Хрватска, Чешка и „Долината на Шарко“ на Петра Селишкар, копродукција меѓу Франција и Словенија, соопшти Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонски национален претставник во Европскиот фонд.

    Поддршката за македонски филм и за два проекти во кои Македонија има копродуцентско учество е многу важно за македонската кинематографија зашто европската поддршка пристигнува и во тешкиот и неизвесен период на ковид пандемијата, вели Татјана Ќурчинска-Пепељугоска, македонски претставник во Еуримаж. (Фото: Приватна архива)

    Како што објави Еуримаж, на сесијата од 16-19 март  финансиски се поддржани 24 меѓународни филмски копродукции од вкупно 49 пријавени проекти, меѓу кои 3 документарци и 3 анимирани, со вкупна сума од 5,822,000 евра. „Кајмак“ е поддржан со 180.000 евра.

    „Поддршката за македонски филм и за два проекти во кои Македонија има копродуцентско учество е многу важно за македонската кинематографија зашто европската поддршка пристигнува и во тешкиот и неизвесен период на ковид пандемијата. Морам уште еднаш да потенцирам дека долгометражниот „Кајмак“, во кој Северна Македонија е носител и документарниот „Долината на Шарко“, во кој е малцински учесник, добија највисоки оценки при евалуацијата, во конкуренција со значајни имиња во кинематографијата како браќата Дарден, Џесика Вудворт, Мишел Хазнавикус, Роберт Бергер, Кристина Гросан и други. Ова е особено значајно поради тоа што, и покрај извонредната конкуренција, на годишно ниво се пријавуваат по 250-260 нови филмски копродукции и навистина е тешко да се добие поддршка. Од друга страна, финансиските средства се ограничени па често се случува дел од солидните наслови да не ја добијат финансиската поддршка“, изјави Ќурчинска-Пепељугоска.

    Манчевски се подготвува за снимање на неговиот нов филм „Кајмак“, поддржан од Агенцијата за филм, како и од Данскиот филмски институт и Македонската Радио Телевизија. Копродуцент на филмот е Мета Луис Фолдагер Соренсен, продуцентката на филмовите „Меланхолија“ и „Антихрист“ на Ларс фон Трир и данскиот кандидат за Оскар „Кралската афера“.

    Европскиот фонд Еуримаж од своето основање во 1989 година до денес поддржал 2.160 копродукциски проекти со вкупен буџет од околу 625 милиони евра.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира