Краткиот филм „Налепница“ по сценарио и режија на Георги М. Унковски ја доби наградата за најдобар краток игран филм на 51. Филмски фестивал во Нешвил, еден од најстарите американски филмски фестивали основан во 1969. Со ова „Нaлепницa“ ја добива и втората награда што носи квалификација за трката за номинација Оскарите во 2021, оти Нешвил е меѓу 20-ната светски фестивали каде победата во категоријата краток филм носи квалификација за влез во оскаровската трка
„Налепница“ веќе се квалификуваше за влез во трката за Оскар откако на 22 септември победи на фестивалот @Ин д палас” во Софија, Бугарија, кој е еден од таа листа за Оскар квалификации.
Филмот е во продукција на „Синема футура“, од каде велат дека наградата во Нешвил доаѓа по победата на фестивалот „Балкан бијонд бордерс“ изминатиот викенд.
„Секако дека има уште доста да се изоди до финалната номинација, но во меѓувреме ќе имаме и многу други можности да се радуваме на фестивалите кои допрва доаѓаат, од цел свет и во секакви форми“, вели продуцентот Филип Унковски.
„Налепница“ во јануари имаше премиера на престижниот американски фестивал на независни филмови Санденс, а продуцентот објави дека за 9 месеци играл во официјална конкуренција на 135 фестивали, освоил 20 награди и имал дистрибуција на „Топик“, „Канал + Шпанија“ и „Ејч-Би-О Европа“.
„Во снимањето филмови најчесто се инспирирам од Македонија, од Скопје, градот кој има многу голем контраст во луѓето и во начинот на живеење, како и неверојатна бирократска машинерија. Така што, овој филм е микс на еден вид потрага по среќа и искупување, но е и еден вид социјален коментар на општеството. На крајот, филмот е за љубовта помеѓу татко и ќерка“, вели режисерот Унковски.
Филмот се снимал шест дена на повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, а во екипата се и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски. Кинематографер е Наум Доксевски, сценографијата е на Кирил Спасевски, костимите на Роза Трајческа, додека на маската и шминката на главниот лик работеле Снежана Ангеловска и Ирена Сенокозолиоска. Дизајнот на звук е на Сашко Потер Мицевски.
Георги М. Унковски е роден 1988, во Њујорк, тој е син на театарскиот режисер Слободан Унковски и психологот Лина Ќостарова-Унковска. Студирал фотографија на Институтот за технологоија во Рочестер, САД, а магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешка.
- КРАТКИОТ ФИЛМ „НАЛЕПНИЦА“ НА ГЕОРГИ УНКОВСКИ ВЛЕЗЕ ВО ТРКАТА ЗА НОМИНАЦИЈА ЗА ОСКАР
- КРАТКИОТ ФИЛМ „НАЛЕПНИЦА“ НА ГЕОРГИ М. УНКОВСКИ УТРЕ ПРЕМИЕРНО НА САНДЕНС
Б. НЕСТОРОСКА