На крајот на годината ќе се отвори голема ретроспективна изложба на еден од најголемите македонски уметници, Димитар Кондовски, а изложбата интентзивно ја подготовува Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ).
Оттаму, Галеријата, следејќи го примерот со ретроспективната изложба на Петар Мазев пред неколку години, ги повикува сите колекционери кои поседуваат дела од Кондовски, да ги исконтактираат преку следната е-пошта: [email protected] и на [email protected] со назнака на мејлот „Dela od Kondovski“, со што би придонеле кон збогатувањето на информациите поврзани со неговото творештво.
Од Националната галерија велат дека ги очекуваат информациите со делата и материјалоте од граѓаните најдоцна до 31 август.
Директорката на НГСМ, Дита Старова-Ќерими, на фејсбук објави фотографија од ателјето на Кондовски, каде била примена од неговата сопруга, Хилда Кондовска, додавајќи оти „претставува навистина голема привилегија, посебно за еден уметник, да се влезе во ателјето на еден од нашите најголеми уметници“.
„Секое ателје претставува место на интима и креативност за секој уметник, а можноста да се впие енергијата од истото, е непроценлива“, вели Старова-Ќерими, која е уметник по професија.
Автор на изложбата е Емил Алексиев, кустос – советник, а стручни соработници на изложбата се кустосите Горанчо Ѓорѓиевски и Александра Вилиќ.
Кондовски (1927-1993) e еден од доајените на македонското сликарство. Со својата грандиозна творечка кариера како сликар, сценограф, дизајнер, дописен член на МАНУ и професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Кондовски е една од најзначајните фигури за развојот на македонското современо сликарство.
Б. НЕСТОРОСКА