НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА СЛАВИ 150 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ЃОРЃИ ЗОГРАФСКИ СО ИКОНИ И СЛИКИ ОД ПОВЕЌЕ КОЛЕКЦИИ

    НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА СЛАВИ 150 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ЃОРЃИ ЗОГРАФСКИ СО ИКОНИ И СЛИКИ ОД ПОВЕЌЕ КОЛЕКЦИИЖенски портрет пред 1894/ „Крај Вардар“, 1941/42. (Фото: НГСМ)

    Педесетина икони и слики од сите творечки фази на зографот Ѓорѓи Зографски (1871-1945),  ќе бидат дел од јубилејната изложба „Ѓорѓи Зографски 150 години од раѓање“, која се отвора утре (19 часот) во објектот на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ), Чифте амам. Делата се од колекциите на Националната галерија, Народен музеј – Велес, црквите „Св. Пантелејмон“, „Св. Спас“, „Св. Димитрија“ и „Успение Богородичино“ во Велес, семејството Зографски како и голем дел приватни сопственици.

    Неговото сликарство, освен портрети, опфаќа историски композиции, пејзажи и мртва природа. Куратори на изложбата се Славица Алексоска и Маја Неделкоска-Брзанова.

    Меѓу зографите сликари што имаат значаен придонес за развојот на македонската ликовна уметност во втората половина на 19. и почетокот на 20. век е Зографски, последниот зограф од семејството Рензовци кој заедно со Димитар Андонов-Папрадишки за првпат кон крајот на 19. век го направи историскиот пресврт поврзувајќи ги двете епохи во македонското сликарство: последните нишки во религиозното сликарство со првите обиди за сликање профани теми. Тоа е период, велат кураторките, обележан со напуштање на поствизантискиот иконопис и живопис во интерес на скромната појава на модернизмот во македонското сликарство.

    На почетокот работел под влијание на византиското и поствизантиското сликарство, главни примери му биле иконописот и живописот во македонските цркви и манастири, а посебно влијание врз неговото творештвото имале Дичо Зограф и Димитар Андонов-Папрадишки.

    Престојот на Зографски во Петроград и Москва во 1887  е од пресудно значење за неговиот развоен пат во животот и творештвото. Својата необразованост тој ја надоместува преку контактите со тамошните академски сликари и изразената реакција против застарените гледања на уметноста, особено при неговиот престој во Софија, каде што настануваат коренити промени во сликарството под влијание на академски образованите сликари, кои позитивно дејствувале врз конечната определба на Зографски кон обработката на теми со профана содржина.

    Портретот, како сликарски жанр кој го негувал Зографски, нема да остане само привилегија на политичарите и богатите, туку ќе се демократизира и меѓу занаетчиите, трговците и свештениците. „Портретот на Јаков Зографски“ (таткото на авторот), од 1895 година, е најрано сигнирана и датирана творба.

    Зографски насликал уште педесеттина портрети на свои блиски како и портрети на видни личности од Македонија и Србија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира