НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА СЛАВИ 75 ГОДИНИ СО РЕТРОСПЕКТИВА ЗА 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА МИЛЕ КОРУБИН

    НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА СЛАВИ 75 ГОДИНИ СО РЕТРОСПЕКТИВА ЗА 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА МИЛЕ КОРУБИНВременскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози. (Фото: Д. Старова-Ќерими)

    Со ретроспектива на творештвото на сликарот Миле Корубин (1922-2000), во чест на 100 години од неговото раѓање, Националната галерија на Македонија (НГМ) одбележува 75 години постоење, а изложбата се отвора вечерва во 20 часот во Чифте амам. Кураторки се вишите кустоси Маја Неделкоска-Брзанова, виш кустос и Маја Чанкуловска-Михајловска, кои велат дека Корубин ѝприпаѓа на првата генерација ликовно образовани македонски уметници кои, по Втората светска војна, се школуваа во центрите на југословенската држава (Белград, Загреб, Љубљана).

    По отворањето на Уметничката школа во Скопје, Корубин е еден од нејзините први ученици, каде што посетувал настава кај бардовите основоположници на македонската ликовна мисла Никола Мартиноски, Лазар Личеноски, Димо Тодоровски, Василије Поповиќ-Цицо и Томо Владимирски. Миле Корубин е воедно и првиот академски образован македонски сликар по Втората светска војна, дипломиран 1951 на Ликовната академија во Белград, каде што ги следел педагошките поуки од професорот Мило Милуновиќ, а потоа особено од Петар Лубарда и подоцна на Миќа Поповиќ, како дел од сликарската елита на тогашна Југославија.

    „Значаен сегмент, воедно и присутен во сите фази на неговото творештво, е сензуалноста што зрачи од женските фигури и портрети и произлегува од интимното доживување на еротизмот како „раздвижувачка сила на човековиот дух“. Сместени повторно во лирски метафизички недефиниран простор, овие стилизирани и идеализирани женски претстави (портрети и актови) ја сугерираат вечната потрага по убавото испреплетувајќи го притоа реалното со имагинарното во третманот на фигурата и просторот. Временскиот опсег од петдецениска творечка дејност го вбројува Миле Корубин меѓу најплодните македонски сликари, воедно и педагози“, велат кураторките на поставката.

    Изложбата ќе трае до 27 октомври, а вечерва ќе ја отворат директорката на Националната галерија Дита Старова-Ќерими, сликарот Рубенс Корубин и историчарот на уметност Кирил Пенушлиски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира