Академиците од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) денес одржаа собрание посветено на академик Цветан Грозданов кој на почина на 82 години изминатата сабота, а беше погребан вчера на Градските гробишта во Охрид. За академик Грозданов, реномиран византолог и прв министер за култура во независна Македонија, на комеморацијата во полната Свечена сала во МАНУ, пред неговото семејство, колеги, професори и ученици говореа претседателот на МАНУ академик Таки Фити, академик Георги Старделов, деканот на Филозофскиот факултет во Скопје Ратко Дуев и Сашо Цветановски од Центарот за истражување на културно наследство во МАНУ.

Сопругата на академик Грозаднов, еминетната професорка и археолог Вера Битракова-Грозданова со синот Климент (Фото: М. Златевска)
„Моето кревко здравје ме спречи да дојдам вчера да те испратам, но денес, Цветан стојам пред тебе, без тебе, да го исполнам својот човечки и пријателски долг. Знам, раната што ја отвори твојата тешка и болна смрт нема брзо да зарасне, а знам и зошто. Затоа што ние луѓето никогаш не ги забораваме, оние што не можеме да ги замениме, но и оние на кои не можеме да им најдеме рамен. Знам со време, во времето, ќе се роди таков, можеби и подобар, но Цветан никогаш повеќе. Бидејќи Цветан Грозданов беше богата и сестрана личност“, рече академик Старделов во емотивното обраќање.
Како пријател и колега, тој додаде дека не е можно да се разграничи каде почнува, а каде завршува најпознатиот македонски византолог и редок проучувач на православното христијанство, каде почнува големиот и сестран историски мислител, а каде завршува признатиот професор од кого произлегоа многу поколенија на оригинални истражувачи.
Академик Фити рече дека Грозданов е македонскиот најеминетен историчар на уметност, византолог со европска и светска репутација, врвен научник, професор, извонреден истражувач, човек чиешто дело е уникатно и беспрекорно сведоштво за раскошната културна историја на Македонија. Неговото дело е, рече академик Фити, грандиозно, величенствено, како според временскиот период на истражување, така и според импозантноста на неговиот начуен опус.
„Делото на Грозданов донесе престиж и репутација на Македонската академија на науките и уметностите и на Македонија“, рече претседателот на Академијата.

Претседателот на МАНУ академик Таки Фити и деканот на Филозофскиот факултет во Скопје Ратко Дуев (Фото: М. Златевска)
Во целокупниот опус на академик Грозданов е присутен интересот за проникнување во византиско-словенските културни врски, пред сè во ликовната уметност, почнувајќи од Св. Кирил и Методиј и Св. Климент Охридски па сè до 19 век. Неговата работа во голем дел е заснована врз теренските проучувања што ги вршел во повеќе балкански региони, пред сè во Македонија и Света Гора. Хронолошкиот распон на материјата што ја проучува е мошне широк и ги опфаќа спомениците од времето на Св. Климент Охридски, Самоиловата држава, Охридската архиепископија до времето на Преродбата. Најголем дел од неговиот опус се однесува на откривањето, идентификувањето и проучувањето на портретите на Св. Кирил и Методиј и нивните ученици – Св. Климент, Св. Наум, Св. Горазд, Св. Сава, Св. Ангелариј (познати како Седмочисленици). Автор е и на обемната монографија за црквата во Курбиново, една од најзначајните културни споменици во Македонија.
Грозданов беше министер за култура во првата Влада на Република Македонија избрана од плуралистичкото Собрание 1991/92. За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 мај 1991, а за редовен член е избран на 20 јуни 1996. Во периодот од 2004 до 2007 беше претседател на МАНУ.
Б. НЕСТОРОСКА