НЕ МИ Е ГАЈЛЕ ЗА МОИТЕ ГОДИНИ, ЗАЛУДНО Е ДА СЕ БОРИШ СО ВРЕМЕТО, ВЕЛИ МОНИКА БЕЛУЧИ

    НЕ МИ Е ГАЈЛЕ ЗА МОИТЕ ГОДИНИ, ЗАЛУДНО Е ДА СЕ БОРИШ СО ВРЕМЕТО, ВЕЛИ МОНИКА БЕЛУЧИБелучи на Солунскиот фестивал доби почесен Златен Александар за особен придонес кон филмската уметност. (Фото: ТИФФ)

    „Благодарна сум за фактот што ја претставив Марија Калас, толку симболична фигура на уметноста и културата“, рече италијанската ѕвезда Моника Белучи во Солун, претставувајќи го документарецот за нејзиното театарско деби со монодрамата според писма и мемоари на легендарната грчка оперска дива. Белучи, на Солунскиот фестивал доби почесен Златен Александар за особен придонес кон филмската уметност и доби огромно внимание од публиката и грчките медиуми.

    Наградата е и во рамките на стогодишнината од раѓањето на Калас, која годинава се одбележува во Грција.

    „Но, најзначајниот фактор за мене е тоа што преку ова искуство ја открив двојната природа на Калас. Од една страна, вистинска дива, со божествена харизма и талент. Од друга страна, жена со искрени чувства, спонтаност и чисто срце. И претставата и филмот ја истражуваат Марија повеќе од Калас, фрлајќи светлина врз надежите и соништата на една млада жена, но и врз зрелоста и тешкотиите што ги доживеала како остварена ѕвезда која се бори да најде рамнотежа помеѓу нејзиниот успех и нејзиниот приватен живот“, рече Белучи на прес-конференцијата пред гала церемонијата и додаде:

    „Како што старееш, се повлекуваш од секоја вештачка слика за себе, учиш да ја одвојуваш реалноста од фантазијата. Кога ќе се разбудам наутро, не носам штикли или шминка. Јас сум обична личност работи во филмската индустрија“, вели Белучи. (Фото: ТИФФ)

    „Сепак, да не ги заборавиме актерките и уметниците кои ја отелотворија Калас, од Фани Ардан до Марина Абрамовиќ, додека во блиска иднина во слична улога ќе ја видиме и Анџелина Џоли. Сето ова упатува на заклучок дека личноста и сјајот на Марија Калас продолжува да биде извор на инспирација и фасцинација. Настапот во театарот Одеон на Херод Атикус беше еден од најмоќните моменти во целата моја кариера, како и тригодишната турнеја на претставата низ светот“.

    На прашањето за сличностите што може да се извлечат меѓу Марија Калас и неа самата, меѓу кои и справувањето со славата и јавното обожавање, и за тоа како таа го доживува своето прво искуство на театарската сцена, Белучи рече:

    „Да бидам искрена, на почетокот бев исплашена, бидејќи во театарот односот со публиката е поинаков, нефилтриран, подиректен, поискрен и посилен. Претпоставувам дека режисерот Том Волф ме избра делумно поради мојот медитерански изглед и потекло. Друг заеднички елемент што можам да го посочам е тоа што Марија Калас е родена во Њујорк, потоа дошла во Грција, станала ѕвезда во Италија и потоа се преселила во Париз. Без разлика каде живеела, колку и да била обожавана од јавноста, таа никогаш не престанала да се чувствува како странец, па дури и како гостин на некое место, и тоа е нешто со кое можам да сочувствувам“.

    Уживам да работам како актерка и имам уште многу да научам, рече Белучи. (Фото: ТИФФ)

    Прашана дали ја загрижува непишаниот закон на филмската индустрија според кој на постарите актери им е тешко да добиваат интересни улоги, таа изјави дека е залудно да се бориме со текот на времето.

    „Искрено не ми е гајле за моите години, залудно е да се борите со времето, тука сте апсолутен губитник. Треба да се сметаме за среќни што старееме, особено ако сме опкружени со луѓе кои нè сакаат и ние ги сакаме. Колку и да звучи клише, работите што ме тераат да се чувствувам жива и да не мислам дека времето минува се моето семејство, моите пријатели и мојата страст за мојата работа. Лично кажано, се чувствувам благословена што имам можност да запознавам интересни нови луѓе и креативци преку мојата работа. Во исто време, како што старееш, сфаќаш дека она што е важно е реалниот живот. Мислам дека она што го поминавме за време на пандемијата принуди многумина од нас да ги преиспитаат своите ставови и да прифатат дека човечките односи се најважното нешто што го имаме“ рече Белучи и додаде:

    „Како што старееш, се повлекуваш од секоја вештачка слика за себе, учиш да ја одвојуваш реалноста од фантазијата. Кога ќе се разбудам наутро, не носам штикли или шминка. Јас сум обична личност работи во филмската индустрија“.

    Таа кажа дека од почит кон нејзината работа, не би се осмелила да почне да режира.

    „Уживам да работам како актерка и имам уште многу да научам. Сè на сè, прекрасно е да се видат жени во денешно време како отелотворуваат улоги кои ги прикажуваат како целосни и живи личности, кои имаат страсти и сексуалност, наместо како ликови вкоренети во конвенционални улоги. Во минатото, дури и по четириесетгодишна возраст, беше тешко да се најдат интригантни улоги. Во денешно време, во Франција каде што живеам, забележливо е дека актерките како Натали Баје, Шарлот Рамплинг, Изабел Ипер и Фани Ардан сè уште се на врвот во филмот. Јас сум оптимистка за тоа што носи иднината, бидејќи ние како жени се сменивме и нашето место во општеството се смени. Сега стекнуваме поголема почит, стекнавме поголема самопочит, зборуваме и повеќе се слушаме“, рече Белучи.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира