Виолинистката и концерт-мајстор Анна Контратенко ја искара публиката на „Бесмртност“, последниот концерт на Филхармонијата, затоа што снимаше и сликаше со блицови на телефоните. Контраденко почека да заврши едно од делата, му се извини на диригентот Вања Николовски-Ѓумар што се вмешува во програмата, и ѝ се обрати на публиката:
„Ве молам, исклучете ги телефоните и блицoвите на телефоните. Навистина нѐ деконцетрирате додека свириме и ни пречат. Извинете маестро што јас се вмешувам“, кажа виолинистката со лут тон, а маестро Ѓумар со кимање покажа дека ја поддржува.
Кондратенко потоа со движење со рацете се обиде да покаже како светлото од блицот се движи пред нејзините очи. Виолинистката вели дека често се случува публиката да им пречи на музичарите.
„На секој концерт додека свири музиката, за жал, паѓаат телефони, ташни, клучеви, ѕвонат телефоните кои не се исклучени, па дури и на овие повици се одговара. Покрај тоа, не секој го исклучува блицот на својот телефон и навистина сака да фотографира или дури да го снима секој момент од концертот со блиц. И ова не се случува само овде, туку секаде во светот. Моите колеги и јас забележавме една интересна работа. За време на пандемијата (кога почнаа да дозволуваат концерти), бројот на кашлање и кивање на концертите нагло се намали. Но, сега сè се врати во нормала“, ни изјави Кондратенко.
Неколку пати, на барање на Управата пред концертот, таа барала да од публиката се исклучат мобилните телефони.
„Бев сведок и како солистите меѓу ставови бараа да се исклучат телефоните. Сакав да потонам во земја од срам. Замислете кога во моментот на вашата највисока точка на инспирација и правење музика, летате во вашата фантазија на крилјата на брилијантна креација на некој композитор и одеднаш сте ‘спуштени на земја’ од остриот звук на телефонот или блиц што ве удира право во окото. Покрај таквите остри звуци, многу вознемирувачки се и звуците на шушкање на омотите за бонбони, клоци по седиштето или гласните разговори на децата (понекогаш дури и возрасните) кои седат во првиот ред на сериозен концерт“, вели Контратенко.
Затоа за децата има детски концерти, и тој во случај, музичарите се подготвени за такви звуци и ги прифаќаат колку што е можно. Контратенко додава оти овој проблем не е само локален, а во Америка се решава на духовит начин.
„Во повеќето концертни сали и театри низ светот има гласно известување пред концертот (понекогаш на повеќе јазици) со кое се бара да се исклучат мобилните телефони и потсетување дека снимањето и фотографирањето е забрането. Лично бев присутна кога за време на концертот им го одземаа телефонот на луѓето кои ги прекршиле овие правила. Едно време, на интернет кружеше една смешна објава која се појави во една концертна сала во САД: ‘Ако ви заѕвони телефонот за време на концертот, ќе биде побарано од вас да излезете на сцената и да свирите фагот’, вели Кондратенко.
М. ЏАРОВСКА