НЕ ЖИВЕАМ СО ГНЕВ, ПЕШАЧАМ И СИ ГО УРЕДУВАМ ДВОРОТ, РЕЧЕ АКАДЕМИК ЃОРЃИ ФИЛИПОВСКИ НА СВЕЧЕНИОТ СТОТИ РОДЕНДЕН ВО МАНУ

    НЕ ЖИВЕАМ СО ГНЕВ, ПЕШАЧАМ И СИ ГО УРЕДУВАМ ДВОРОТ, РЕЧЕ АКАДЕМИК ЃОРЃИ ФИЛИПОВСКИ НА СВЕЧЕНИОТ СТОТИ РОДЕНДЕН ВО МАНУ„Често ме прашуваат во што е тајната на долгиот живот. Јас не сум стручњак за тоа, но еве ќе ви го кажам моето искуство. Пешачам, многу ги сакам планините, си го уредувам дворот. Порано имав и кајче но ми го украдоа, па сега само пливам. Не живеам со гнев и инает. Мозокот е орган како и секој друг и ако не се одржува ќе закржлави. Јас секој ден читам“, рече академик Филиповски (Фото: К. Попов)

    Со стоечки аплауз на почетокот и на крајот од свечениот собир беше поздравен академик Ѓорѓи Филиповски, единствениот жив од тројцата основачи на МАНУ, кому денес инстуцијата му го славеше стотиот роденден. Ректори, проректори, академици, професори и научни соработници со подароци в рака ја преполнија салата на МАНУ, па дури и постојано се носеа дополнителни столчиња. Низ целата официјална програма и говори, сите учесници му посакуваа на омилениот професор, академик, соработник кој говори осум јазици, желби за добро здравје во, како што рекоа, првата деценија од вториот век.

    Aкадемик Филиповски, заедно со академиците Блаже Конески и Харалампије Поленаковиќ, биле тројцата членови на првата комисија задолжена за формирање на МАНУ. Институцијата е основана на 23 февруари 1967, а прв претседател бил Конески.

    Гостите во МАНУ со стоечки аплауз го поздравија академик Филиповски, кога влезе со професорката Татјана Миткова од Факултетот за земјоделски науки (Фото: К. Попов)

    Претседателот на МАНУ академик Таки Фити, рече дека академик Филиповски е жива легенда, икона и историја на македонската наука и образование, и дека неговите дела се сведоштво и драгоцени записи за развојот на науката и образованието. Академик Филиповски важи за основоположник на современите педолошки истражувања во земјава. Неговите најзначајни активности од наставно-научната и општествена дејност се и сведоштво за почетоците на формирањето на првите високообразовни институции во земјава како Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Земјоделско-шумарскиот факултет, МАНУ.

    Витален и луциден, со шеги на своја сметка за годините, академик Филиповски стоечки, без подготвен говор говореше за почетоците, за историјата, и не заборави никого за да се заблагодари.

    „Често ме прашуваат во што е тајната на долгиот живот. Јас не сум стручњак за тоа, но еве ќе ви го кажам моето искуство. Пешачам, многу ги сакам планините, си го уредувам дворот. Порано имав и кајче но ми го украдоа, па сега само пливам. Не живеам со гнев и инает. Мозокот е орган како и секој друг и ако не се одржува ќе закржлави. Јас секој ден читам“, рече академик Филиповски.

    Академик Филиповски доби подарок од претседателот на МАНУ, академик Таки Фити, мозаик од академик Газанфер Бајрам (Фото: К. Попов)

    Заблагодарувајќи му се на своето семејство, тој кажа дека неговата сопруга починала пред две години, и дека му била десна рака во пишувањето на сите трудови.

    „Вака да ви кажам, моите деца се пензионери. Имам син и ќерка, пет внуци, и седум правнуци“, рече тој по што доби огромен аплауз, и продолжи: „Нajстарата внука е директорка во училиште, а најстарата правнука е студентка. Таа често се фали и вели: ‘Никој од моите другари нема прадедо’“.

    „Жалам што само јас останав од првиот состав од МАНУ. Јас сум најстар академик, вториот е шест години помлад од мене, а третиот 11 години. Им посакувам да сторат гајрет, да ме стигнат и надминат“, кажа академик Филиповски.

    Роден е на 6 мај во 1919, во село Сорович, Леринско, егејскиот дел на Македонија. Основно училиште и гимназија завршува во Битола. Студира агрономија во Земун (1937–1941) и дипломира во Софија (1942), каде што останува до 1944 како асистент по педологија. По ослободувањето е шеф на Отсекот за педологија и агрохемија на Земјоделскиот испитателен институт (1944–1947). Најмлад наставник во првиот наставнички совет на Земјоделско-шумарскиот факултет во Скопје (од 1947), каде што е и пензиониран како редовен професор. Докторирал во Земун со тема за солените почви на Овче Поле. Бил на студиски престои (по 6 месеци) во Франција и во САД.  Основач е на Катедрата по педологија и агрохемија и повеќе децении бил нејзин шеф. Бил продекан и декан на Факултетот, како и ректор на Универзитетот по земјотресот и негов обновувач. Бил научен секретар на МАНУ во првите осум години по основањето, а потоа во три мандата и потпретседател.

    Тој е почесен доктор на Универзитетот во Брадфорд (Англија) и надворешен член на Академијата на науките на Босна и Херцеговина. Предавал на постдипломските студии во Скопје и во Белград. Бил визитинг-професор (една година) во Калифорнија и повеќе години држел предавања по педологија на меѓународните постдипломски студиуми од областа на медитеранското земјоделство во Италија (Бари) и Грција (Крит) каде што бил избран на меѓународен конкурс. Автор е на 19 монографии, меѓу кои и тие за деградацијата на почвите на Македонија, за класификацијата на почвите на Македонија, за климатско-вегетацископочвените региони. Благодарение на него и на неговите соработници, почвите на Македонија се едни од најистражените на Балканот. Неговиот учебник по педологија доживеал 4 изданија (1968– 1993). Има напишано и два терминолошки речника во издание на МАНУ (педологија, агрохемија).

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира