НЕИЗЛОЖУВАНИ ДЕЛА ОД ДИМЧЕ КОЦО, РЕТРОСПЕКТИВИ НА ТАШКОВСКИ И ЗОГРАФСКИ МЕЃУ ИЗЛОЖБИТЕ НА НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА

    НЕИЗЛОЖУВАНИ ДЕЛА ОД ДИМЧЕ КОЦО, РЕТРОСПЕКТИВИ НА ТАШКОВСКИ И ЗОГРАФСКИ МЕЃУ ИЗЛОЖБИТЕ НА НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈАНационалната галерија ќе одбележи 110 години од раѓањето на Димче Коцо и ретроспектива на Васко Ташковски. (Фото: НГСМ)

    Дела од Димче Коцо кои досега не биле изложувани , ретроспективи на Васко Ташковски и на преродбеникот Ѓорѓи Зографски, како и реконструкција на Мала станица, се меѓу поголемите проекти за годинава на Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ).

    • Омажот за Димче Коцо се планира за мај во Чифте амам, кој ќе го претстават трите кураторки, виш кустос Славица Алексоска, виш кустос Маја Неделкоска- Брзанова и виш кустос Маја Чанкуловска. Изложбата е насловена „Омаж – изложба по повод 110 години од раѓањето на Димче Коцо“.
      „Вообичаено, во досегашните презентации на неговото творештво акцентот бил ставан на делата препознатливи за неговиот опус. Но останаа и добар дел од неговите дела кои досега ретко или воопшто не се изложувани пред македонската културна јавност. На изложбата ќе бидат поставени дела во сопственост на институции и приватни лица кои веќе се познати во македонската ликовна јавност, но и дела кои досега не биле изложувани“, вели директорката Дита Старова-Ќерими.
    • За септември/октомври во Даут-пашин амам се најавува ретроспективната изложба на академик Васко Ташковски (р. на 31.08.1937, во Нижеполе, Битолско), македонски сликар, водечки претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и светот. Неговите дела се наоѓаат во голем број приватни колекции, галерии, музеи и установи во земјата и светот. Кураторка е виш кустос Маја Чанкуловска.
    • Од 27 октомври во Чифте амам е закажана изложбата на преродбеникот Ѓорѓи Зографски, омаж по повод 150 години од неговото раѓање. Ѓорѓи Зографски потекнува од Рензовско-Зографскиот род, од мијачкото село Тресонче, кој спаѓа меѓу најстарите родови од Река што се занимавале со градителство, зографство, иконопис и копаничарство. Се родил во 1871 година, во село Папрадиште, Велешко. Неговиот татко Јаков бил мајстор градител, резбар и живописец. Од најраното детство Зографски го придружувал татко си на неговите печалбарски патувања со цел да го учи зографскиот занает.

    Зографски стекнал голем авторитет како сликар, а покрај црковното,почнал да го негува и профаното сликарство. (Фото: НГСМ )

    Се школувал во Русија и Бугарија, а по враќањето во Македонија се приклучил на тајфата на татко си Јаков, со кого работел во Македонија, Бугарија и Србија. Периодот од 1927 до 1929 година се смета за еден одпоплодните негови периоди. Покрај икони и живопис, насликал и многу портрети на познати личности, трговци,занаетчии и на негови пријатели од Велес. Зографски стекнал голем авторитет како сликар, а покрај црковното,почнал да го негува и профаното сликарство. Заедно со неговиот современик Димитар Андонов Папрадишки, извршиле значаен пресврт во македонскотосликарство во преродбенскиот период, кога од религиозни теми изработени во духот на локалното византискои поствизантиско сликарство, за потребите на младиот македонски граѓански слој почнале да обработуваат исветовни теми. Ќе бидат поставени околу 60 ликовни дела (икони и слики). Кураторка е виш кустос Славица Алексоска.

    • НГСМ најавува и други изложби, меѓу кои : „Нови правила“ на Заке Прелвукај од Косово, во Чифте амам со кураторката, виш кустос Ана Франговска, мини-ретроспектива на провокативниот Олег Кулик со наслов „Merry Go Round“, одбележување на 70-годишнината од основањето, проектот „Гозба“ на уметницата Љиљана Михаљевиќ од Хрватска и изложбата на р Перица Георгиев-Пепси, двете под кураторство на Горанчо Ѓорѓиевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира