Останувам на зборот дека Оркестарот за џез музика (ОЏМ) привремено ќе биде сместен во Филхармонијата, тоа и ќе го направиме, но не на перфиден и на подмолен начин со полувистини и со закани, реагира денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Филхармонијата на чело со директроката Тина Иванова денеска имаше прес-конференција на која рекоа дека остануваат на својот став дека две национални установи не можат да функционираат под еден покрив и најавија јавни протести ако Владата не ја промени одлуката за привремено сместување на новоформираниот Оркестар за џез музика во зградата на Филхармонијата. Освен што 108 вработени, на чело со Иванова, на 31 март потпишаа петиција против оваа одлука, тие денеска ја обвинија министерката дека е е директно одговорна за настанатиот хаос и не го испочитувала ветувањето дека на првата следна владина седница ќе се поништи одлуката за привремено сместување на ОЏМ во нивниот дом. Место тоа, Владата вчера само ја потврди својата првична одлука.
„По вчерашната одлука на Владата за времено сместување на новоформираната НУ Оркестар за џез музика во просториите на НУ Национална Филхармонија до конечното формирање на новата установа, закажав состанок со вработените во Филхармонија за да продолжиме со разговорот по последната одлука на Владата. Јас денеска дојдов на најавениот состанок во Филхармонија, но како што ми беше пренесено, од Синдикатот немале желба да разговараат со мене. Вчерашната одлука на Владата нè обврзува, до официјалното и правно формирање на Оркестарот за џез, да изнајдеме трајно просторно решение за оваа нова музичка институција. Останувам на зборот дека тоа и ќе го направиме, но не на перфиден и на подмолен начин со полувистини и со закани. Како министерка за култура, но пред сè како човек, не можам да дозволам, а уште помалку да го разберам ова ниво на некултура особено не на дел од уметниците кои до пред некоја година беа добредојдени во неколку институции од културата додека да го добијат заслужениот дом“, објави министерката на фејсбук профилот.
Од Здружението на џез музичари и слободни уметници (ЗЏМ) на 10 април рекоа дека погрешно е претставен целиот концепт за нивното евентуално работење во зградата на Филхармонија, па оттаму произлегуваат и сите неосновани реакции. Истакнувајќи дека ја поздравуваат одлуката за формирање на Оркестар за џез музика, од Филхармонијата додаваат дека неговото сместување во иста зграда ќе се одрази на успешноста и на едните и на другите.
„Нашата индивидуална соработка со членовите на Филхармонија е многу подолга, но со Биг бендот, конкретно во овие простории, ние работиме веќе 7 години и во овој период не сме наишле на проблеми од било каква природа. За време на припремите и пробите никогаш не добивме забелешки дека овие активности на било каков начин ја попречуваат работата на Филхармонија. Напротив, пробите се правеа тогаш кога во просториите, поточно во една просторија, немаше други активности од оркестарот и ансамблите на Филхармонија, или не беа користени за друг тип приватни настани. Имено, во неформални разговори со колеги и пријатели од Филхармонија, доаѓаме до сознанија дека можеби целиот концепт за нашето евентуално работење во зградата на Филхармонија е погрешно претставен, па оттаму произлегуваат и сите неосновани реакции. Тврдењата дека Оркестарот за џез музика брои 50-60 музичари се потполно погрешни. Секој џез биг бенд ансамбл е составен од 17 – 20 музичари. Тврдењето дека на музичарите од Филхармонија ќе им бидат узурпирани гримиорните е исто така неосновано. Можеме да гарантираме дека ова никогаш не било земено во предвид, ниту пак некогаш ќе се случи. Погрешно е и тврдењето дека ќе узурпираме простор во веќе постоечкиот дел на административниот дел на зградата, затоа што тоа е невозможно да се случи и би ја попречило и нашата работа. Одржувањето на пробите во зградата би се реализирало исклучиво во малата или големата сала, во термините кога овие простории се слободни. Концертите исто така би се случувале во денови кога Филхармонијата нема програма“, стои меѓудругото во соопштението на ЗЏМ.
Б. НЕСТОРОСКА