НЕМА ВЕЌЕ ИСТОРИСКИ ФИЛМОВИ, ШАНСА ЌЕ ДОБИЈАТ МЛАДИ АВТОРИ И РЕЖИСЕРКИ, ОБЈАВИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМ

    НЕМА ВЕЌЕ ИСТОРИСКИ ФИЛМОВИ, ШАНСА ЌЕ ДОБИЈАТ МЛАДИ АВТОРИ И РЕЖИСЕРКИ, ОБЈАВИ АГЕНЦИЈАТА ЗА ФИЛМАгенцијата за филм, чиј в.д директор е Горјан Тозија, подготви нова стратегија за филм, со која се напушта политиката на мегаломански проекти во кои по секоја цена треба да се нагласува историски или идентитетен атрибут. -Тозија на снимањето на филмот „Проект Хепинес“ на Борјан Зафировски (Фото: М. Златевска)

    Агенцијата за филм подготви стратегија за филм за неколку години за која ќе биде потребно да се донесе и нов закон што ќе ги олесни административните пречки во привлекување на странските продуценти. Во извештајот за работата за неполна година, Агенцијата за филм  чиј в.д. директор е Горјан Тозија, а во кој се наведени и идните планови, меѓу другото стои дека во новата стратетија се напушта политиката на мегаломански проекти во кои по секоја цена треба да се нагласува историски или идентитетен атрибут, и дека единствена референца за нивната логистика ќе бидат квалитетни, модерни, современи сценарија и издржани и темелни продукциски планови.

    Агенцијата смета дека младите автори мора да добиваат шанса, како и дека сѐ повеќе и кај нас, како што е на европскиот филмски пазар, ќе се стимулира и вреднува работата на женските автори во филмот.

    „Со рационално користење на буџетот кој е намален оваа година, се обидовме да дадеме шанса на дебитантите и се надеваме дека само креативната компетиција меѓу повеќе автори ќе даде квалитет“, вели Агенцијата.

    Стратегијата за филмот, како што е наведено, наскоро ќе биде ефектуирана и „филмот ослободен од сите притисоци кои задушувале значајни идеи, ќе оди напред сѐ до создавање на препознатлива кинематографија која ќе се маркира во светот како квалитетна и за истата ќе биде зголемен интересот“.

    Меѓу податоците кои се изнесени во отчетот, стои дека кога Тозија бил именуван за в. д. директор, наследил долг од 785 милиони 860 илјади и 518 денари, а за неполна година се расчистени долгови во износ од 470 милиони 870 илјади и 862 денари.

    Завршени се со снимање четири долгометражни играни филмови: „Здивот на ангелот“ во режија на Јани Бојаџи, „Проект Хепинес“ во режија на Борјан Зафировски, „Дедо и внук“ во режија на Илија Пиперковски и „Господ постои, се вика Петрунија“ во режија на Теона С. Митевска.

    Објавени се два конкурси: за финансирање на филмски проекти на кој поддржани се вкупно 17 филмски проекти со 151.375.000 денари, како и конкурс за финансирање на проекти од национален интерес на кој се поддржани, 16 проекти за организација на филмски фестивали, 1 играна и 2 документарни серии и 4 проекти за проекти од национален интерес кои се однесуваат на едукативни програми. За нив се доделени средства во вкупен износ од 55.320.000 денари.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари