„НЕТФЛИКС“ ЈА ИЗМЕНИ ПРОГРАМАТА НА „БРАЌА МАНАКИ“, СЕ ОТВОРА СО „МАЈКА И СИН“ МЕСТО СО „РАКАТА НА ГОСПОД“

    „НЕТФЛИКС“ ЈА ИЗМЕНИ ПРОГРАМАТА НА „БРАЌА МАНАКИ“, СЕ ОТВОРА СО „МАЈКА И СИН“ МЕСТО СО „РАКАТА НА ГОСПОД“Селекторите на програмите оваа година избраа повеќе од 60 филмови (Фото: СДК.МК)

    Малку недостигаше Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола годинава да го носи мотото Манаки мајки (Manaki Мothers) зашто голем дел од годинашните кинематографери и други гости се жени. Но, бидејќи не се обезбедија големи женски имиња за добитници на главните награди, ова можеби ќе остане како идеја за следната година, најави директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.

    „Имаме огромен број кинематограферки и други жени кои учествуваат во сите натпреварувачки програми. Имаме повеќе жени во двете жирија за документарната и главната програма“, рече тој.

    Иако беше најавено дека петочното отворање ќе биде со италијанско-американскиот филм „Раката на господ“, место него ќе се прикаже францускиот „Мајка и син“.

    „Имајќи предвид дека за дистрибуцијата на ‘Раката на господ‘ е одговорен ‘Нетфликс‘, кој има ригорозни високи стандарди за превод, тие сакаа да го направат низ многуте нивни филтри и нè ставија во неизвесност дали ќе го обезбедат преводот до почетокот на фестивалот. Не сакавме да ризикуваме, затоа се согласивме да го ставиме на програма следниот ден“, рече селекторот на главната програма Слаѓан Пенев.

    За разлика од лани, кога беа прикажани дваесетина филмови, годинава од 19 до 26 август ќе има трипати повеќе, односно над 60. Во официјалната конкуренција се 14 филмови кои освоија многу награди на другите фестивали. Во Битола ќе има премиера на македонскиот филм „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристевски. Вториот македонски филм е „Мими”, во режија на Даријан Пејовски, кој имаше премиера на Синедејс.

    Наградата на ДФРМ „Големата ѕвезда на македонскиот филм“ постхумно ќе биде доделена на филмскиот продуцент Горјан Тозија, кој почина на 13 јануари годинава. „Големата ѕвезда на македонскиот филм“, награда која во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ традиционално се доделува за исклучителен придонес во македонската кинематографија.

    Паралелно со филмската програма во Центарот за култура и во киното „Манаки“, во бавчата на Офицерскиот дом ќе има ревијални проекции на македонски филмови од програмата „Мак корнер’’. Организаторите сметаат дека „Браќа Манаки“ е местото каде што треба да се промовира и домашната филмска продукција. Ќе има и изложби, настапи на музичари и настани кои ја презентираат битолската традиција.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира