НИЕДЕН АКАДЕМИК НЕ СЕ ПОЈАВИ НА ИЗЛОЖБАТА ЗА БОРИС ЧИПАН, АРХИТЕКТОТ НА МАНУ, БИСЕР НА МОДЕРНАТА НА БАЛКАНОТ

    НИЕДЕН АКАДЕМИК НЕ СЕ ПОЈАВИ НА ИЗЛОЖБАТА ЗА БОРИС ЧИПАН, АРХИТЕКТОТ НА МАНУ, БИСЕР НА МОДЕРНАТА НА БАЛКАНОТНа отворањето на изложбата во Музејот на Скопје, легат од семејството Чипан, имаше огромна посетеност (Фото: А. Неделковски)

    На отворањето на изложбата „Борис  Чипан: по трагите на еден модернист“ во Музејот на Град Скопје, иако во чест на архитектот на зградата на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), не дојде ниту еден академик.
    Покани и најави во медиумите за реткиот настан имаше уредно и вообичаено како за сите изложби во Музејот на Град Скопје, а по градот има и плакати.
    Зградата на МАНУ важи за бисер на модерната во поширокиот регион на Балканот, а  професорот Чипан во изведба продолжил со „Македонија проект“  откако во 1976 година ја добил првата награда на југословенскиот конкурс за МАНУ.  За овој проект, пионерот во современата македонска архитектура ги добил Борбината награда, „11 Октомври“ и „7. Ноември“ на Градот Охрид, за животно дело.
    На отворањето на изложбата, легат од семејството Чипан,  имаше огромна посетеност од многу млади студенти, пријатели, постари архитекти, а некогашни студенти на еден од најомилените наставници по архитектура, по живот, по историја и по широки светогледи,  актуелните професори на Архитектонскиот факултет при УКИМ од кои неколкумина директно соработуваа на оваа поставка и јавни личности од сите сфери.

    Зградата на МАНУ важи за бисер на модерната во поширокиот регион на Балканот – поканата за изложбата на познатиот македонски архитект

    Изложбата е сочинета од над 500 артефакти кои се лични документи на херојот на модеранта, како што беше речено на отворањето,  прв пример на оставнина во архитектурата, што семејството Чипан ја отстапи на Одделението за архитектура при Музејот на Град Скопје.

    За објектот на МАНУ, единствениот и оригинален Чипан има речено:„Согледувам, чардак ни на небо ни на земја, од народните сказни“ (архивска фотографија од Борис Чипан на Архитектонскиот факултет во Скопје)

    За објектот на МАНУ, единствениот и оригинален  Чипан има речено:„Залудно е да се бараат аналогии по содржина. Академијата е монумент на современата и идната македонска наука и уметност. Помислувам на тврдина и ми се чини премногу студено, шареноликата декорација на византиската црква би била демагогија. Ги отфрлам сите конкретизирани аналогии и се препушатам на нагонот кој во себе има веќе наталожено многу средби со историската архитектура. И, кога делото е завршено, откривам дека во манастирските конаци на Св. Јован Бигорски, стариот македонски мајстор создал имресивна монументалност во костен-дрво. Согледувам, чардак ни на небо ни на земја, од народните сказни“.
    Куратор на изложбата е архитект  Фросина Зафировска, а соработници се архитектите и професори Доминика Бошкова, Влатко П. Коробар, Мартин Гулески, Михајло Волканов, Димитрие Голубовски, и синот на Борис Чипан, архитект  Александар Чипан кој живее и работи во Австрија.
    Изложбата ја отвори деканот на Архитектонскиот факултет при УКИМ, архитект  Минас Бакалчев.
    Архитектот, конзерватор, професор, публицист Борис Чипан е роден во 1918 година во Охрид, а почина во 2012 година. Од 2014 година, Комората на архитекти на Македонија ја востанови годишната наградата „Борис Чипан“ .
     
     
     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира