Нобеловката Светлана Алексиевич е годинашната добитничка на наградата Букстар, што ја доделува истоимениот фестивал на европската литература во Скопје. Неговото осмо издание ќе се одржи од 3 до 5 октомври.
Белоруската новинарка и авторка, која ја доби Нобеловата награда за литература во 2015 година, се наградува за книгата „Војната нема женско лице“, која првпат била објавена во 1985 и била дополнета во 2002.
„Војната нема женско лице“ е една од најпознатите книги за војната. Во Втората светска војна, околу милион жени се бореле на страната на Црвената армија, но за нив никогаш не се пишува. Оваа книга ги собира на едно место спомените на стотици жени – снајперистки, тенкистки, болничарки. Овие жени ја раскажуваат нехеројската страна на војната, говорат за валканоста, студот, гладот, сексуалното насилство и за сенката на смртта. Авторката ја дополнила книгата во 2002, преработувајќи ги деловите што биле цензурирани и додавајќи нови материјали.
Покрај „Војната нема женско лице“, уште четири книги на Алексиевич се преведени на македонски јазик.
На 5 октомври во кино „Фросина“ ќе се одржи видеоразговор со Алексиевич, што е ретка можност, имајќи предвид дека таа во последните години не прифаќа многу јавни настани.