„За зелената гуска и црвените рози“ е насловен настанот посветен на Љубиша Никодиновски- Биш, закажан за денес во 18 часот во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) на 47. издание на Млад отворен театар (МОТ). Биш, продуцент и еден од основачите и долгогодишен селектор на МОТ почина во август годинава. Од МКЦ најавуваат дека вечерва неговите пријатели ќе се соберат и низ анегдоти и интересни случки, неформално ќе се потсетат за сѐ она што го врзуваше со МОТ.
„Траен е белегот на Биш на домашната театарска сцена, како еден од основачите на Млад отворен театар и негов двигател скоро четири децении. Оваа вечер на 47. МОТ му ја посветуваме нему и се навраќаме на неговиот младешки дух, кој собра голема креативна сила која денес, се бави со театар, уметност и го одржува овој фестивал“ , вели Русе Арсов во име на тимот на МОТ.
Биш беше еден од основачите и прв генерален секретар на Македонскиот центар на ИТИ-УНЕСКО. Во 2010 беше прогласен за почесен претседател на МОТ.
Како тетарски глумец работел во театарот Кај Свети Никита Голтарот и Театарската работилница ФФ (Зелена гуска) каде што бил еден од основачите и продуцент. Бил и продуцент во МНТ и раководител на театарот Центар, а во МКЦ бил помошник на директорот за драмската програма.
Во чест на Биш, годинава МОТ за прв пат востановува и награда БИШ, која ќе се доделува на најдобра театарска претстава од домашна продукција меѓу две фестивалски изданија. На отворениот конкурс на МКЦ за наградата БИШ аплицираа 25 театарски продукции.
По доделувањето на наградата, во 20 часот во салата „25 Мај“ следува „Појавувањето на изведбата“ на Александра Јанева-Имфелд, белгиско-хрватска копродукција.
Б. НЕСТОРОСКА