„Она што на други им е хоби, вам ви е работа“ е изреката по која колегите го паметат Борис Ноневски, посветен филмолошки работник, голем вљубеник во филмот и долгогодишен директор на Кинотеката.
Ноневски почина на 73 години по долго боледување на 30 јануари, а беше погребан следниот ден, на 31 јануари, на гробиштата во родниот Претор. Неговата матична институција денес одржа комеморација, пред членовите на семејството на Ноневски, колегите и пријателите.
Петар Волнаровски, раководител на Одделот за истражување, издавачка, библиотечна и меѓународна дејност, ја претстави неговата биографија, во која се наведува дека по завршувањето на основното и средното образование, дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, за да се вработи во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје. Од 1976 повторно е во Белград, како уредник во реномираното и престижно теориско списание „Социјализам“, во кое текстови објавува интелектуалната елита на тогашна Југославија.
Во 1987 се враќа во Македонија, каде што е избран за директор на Кинотеката на Македонија, основана во претходната деценија. Ноневски беше директор на Кинотеката во два наврата, во повеќе мандати, во периодот од 1987-1998 и од 2002-2007, сè на сè – повеќе од шеснаесет години.
„Со своето доаѓање во Кинотеката, Ноневски особено се посвети на она што беше негов примарен професионален интерес, особено ја збогати научно-истражувачката и издавачката дејност, преку организација на симпозиуми, со учество на ренимирани гости од земјава и странство и публикација на трудови, така што, дејноста на Кинотеката во тој поглед ја издигна на рамниште на своевиден филмски институт“, рече Волнаровски.
Ноневски беше најзаслужен и за покренувањето на до денес единственото списание за филм во Македонија, списанието за историјата, теоријата и културата на филмот и другите уметности „Кинопис“, а како директор на Кинотеката, во 1993 го организираше и првото интернационално издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Во 2009 година, Владата на Франција на Ноневски му додели високо одликување „Витез во редот на уметностите и литературата“, за што Волнаровски вели дека беше како „интернационална круна“ на неговата кариера.
Актуелниот директор на Кинотеката Владимир Ангелов се потсети на деновите кога младите филмолози и техничари го учеле занаетот од него.
„Ние од Кинотеката го познававме Борис Ноневски и како човек и како директор. Ја познававме неговата човечност и човечка слоевитост. Паметиме купишта негови изреки: ‘Платата ви е многу за работата, а малку за живеачка’, ‘Бадијала извини, ако ми го изгори палтото’, ‘Знам луѓе што работеле без успех, но не знам некојшто успеал без работа’“, или ‘Напамет работано’. Со колегите бевме преместиле 3-4 тони филмови и доаѓа директорот и мислиме дека заслужуваме пофалба, кога тој вели ‘Напамет работано’ се врти и си оди. Утредента повторно истото. Често кога ги ‘карам’ помладите колеги ја користам неговата ‘Она што на други им е хоби, вам ви е работа’“, кажа Ангелов.
Новинарот Ѕвездан Георгиевски, догогодишен пријател и проследувач на дејноста на Ноневски, кажа дека работливоста и перфекционизмот биле негови важни особини.
„Имав чувство дека внимава на секој детаљ, дека ги проверува и препроверува сите наводи и тези и дека ретко кога е задоволен од она што го создал. Не знам, ама убеден сум дека во неговата архива има уште необјавени трудови и текстови, а ова го тврдам затоа што знам дека Борис Ноневски, едноставно, секогаш мораше нешто да работи. Тоа беше начин на живот. Нам ни останува таа задача, овие трудови, ако постојат, да ги подготвиме за печат, не толку поради Борис Ноневски, туку поради нас. Нам ни се потребни“, рече Георгиевски.
Б. НЕСТОРОСКА