ОСКАРОВКАТА ЖИЛИЕТ БИНОШ ЌЕ БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ЕВРОПСКАТА ФИЛМСКА АКАДЕМИЈА

    ОСКАРОВКАТА ЖИЛИЕТ БИНОШ ЌЕ БИДЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА ЕВРОПСКАТА ФИЛМСКА АКАДЕМИЈАБинош стапува на функцијата од 1 мај, а ќе ја замени полската режисерка Агњека Холанд. (Фото: АП)

    Француската актерка Жилиет Бинош ќе ја наследи полската режисерка Агњешка Холанд на функцијата претседателка на Европската филмска академија (ЕФА), соопшти Академијата. Новата претседателка беше избрана откако Холанд одлучи да се повлече од функцијата во текот на годинава.

    Почесната улога на претседател на Европската филмска академија има силно симболична моќ и го отелотворува она за што сака да се залага Академијата, вели ЕФА. Ингмар Бергман беше прв претседател и првично беше избран од 40-те основачки членови на Академијата во 1989.

    Формално, Бинош стапува на функцијата од 1 мај, откако мнозинството од 4.600 членови на Европската филмска академија ќе гласат „за“ до крајот на април годинава. Холанд, која беше претседателка на Одборот на ЕФА до 2019, ја презеде улогата на претседателка во 2021, наследувајќи го германскиот режисер Вим Вендерс. Таа ја најави својата одлука да се повлече од функцијата оваа пролет, изразувајќи желба целосно да се посвети на снимање филмови.

    Бинош е актерка, уметница и танчерка родена во Париз, која ги доби наградите Оскар, БАФТА, Европска филмска награда, Наградата на Здружението на филмски актери и Златниот глобус за улогата во филмот „Англискиот пациент“ од 1996. Таа моментално е актуелна со улогата во филмот „Вкусот на нештата“ и во серијата „Новиот изглед“ каде што ја игра Коко Шанел. Нејзините претстојни проекти се „Враќање“ со Реиф Фајнс во режија на Уберто Пазолини, и „Кралица на море“ на Ленс Хамер.

    Бинош, исто така, е единствена жена што ги освоила признанијата за најдобра женска улога на сите три главни европски филмски фестивали – Златната палма во Кан за „Сертификувана копија“ (2010), актерската награда во Венеција за „Три бои: Сина“ (1993) и берлинската Сребрена мечка за „Англискиот пациент“ (1996).

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира