РУСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ „ЧАЈКА“ ГО ОТКАЖА КОНЦЕРТОТ НА РУСКИ РОМАНСИ ВО НАЦИОНАЛНА ОПЕРА И БАЛЕТ

    РУСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ „ЧАЈКА“ ГО ОТКАЖА КОНЦЕРТОТ НА РУСКИ РОМАНСИ ВО НАЦИОНАЛНА ОПЕРА И БАЛЕТКонцертот на руски романси требаше да се одржи вечерва во фоајето на НОБ, со почеток од 19 часот. (Фото: принтскрин)

    Откажан е концертот на руски романси, закажан за вечерва во Национална опера и балет (НОБ) „поради ситуацијата“, потврдија од НОБ за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    „На концертот со руски романси требаше да настапат студенти од Факултетот за музичка уметност, а со години традиционално го организира Елена Сиљаноска од Здружението на руски сонародници ‘Чајка’ која е и вработена кај нас како корепетитор. Поради ситуацијата, со неа одлучивме да го откажеме концертот“, ни изјави генералниот директор на НОБ, Васко Ристов.

    Концертот на руски романси во Национална опера и балет е дел од активностите на Здружение на руски сонародници „Чајка“, кое веќе 8 години учествува во меѓународниот проект „Романсиада“ (Русија) и праќа млади македонски пејачи на натпреварот во Москва.

    Автор на концептот, музички соработник и наратор (водител) е м-р Елена Сиљаноска, корепетитор во НОБ. Учесници се студенти од Музичките академии во Скопје и Штип, млади оперски пејачи.

    Министерството за култура попладнето соопшти дека во договор со организаторот се одложува концертот на руски романси, најавен за вечерва во фоајето на НОБ.

    „Последните вести од Украина го загрижуваат целото човештво. За никого ова не е време за романси. И уметноста е порака, затоа никој не смее да дозволи таа да биде извалкана. Убавите романси нека останат за подобри времиња, времиња во кои повторно ќе владее мирот, нема да има жртви и никој нема да се чувствува загрозен или под закана“, соопшти Министерството за култура.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира