ОТКРИЕН Е ДОЦНОАНТИЧКИ МОЗАИК ВО ПЕЛЕНИЦА КАЈ СКОПСКО ДРАЧЕВО

    ОТКРИЕН Е ДОЦНОАНТИЧКИ МОЗАИК ВО ПЕЛЕНИЦА КАЈ СКОПСКО ДРАЧЕВОДосегашните археолошки истражувања ги потврдиле информациите стари речиси девет децении и резултираа со откривање полихромен мозаик изработен во техниката opus tessellatum. (Фото: Археолошки музеј)

    На локалитетот Пеленица кај Драчево во Скопје откриен е доцноантички полихромен мозаик, соопшти Археолошкиот музеј на Македонија.

    Музејот ги привршува археолошките истражувања на Пеленица, кои започнаа на 28 октомври, со цел да се проверат податоците од пред околу 90 години за постоење мозаичен под во кружна просторија. Истражувањата се реализираат со пари од Општина Кисела Вода и со поддршка од црквата „Свети Спас“ во Драчево, а во соработка со Конзерваторски центар во Скопје.

    Досегашните археолошки истражувања ги потврдиле информациите стари речиси девет децении и резултираа со откривање полихромен мозаик изработен во техниката opus tessellatum, како и керамички материјал и монета кои потекнуваат од доцноантичкиот период.

    Во оваа фаза, како што велат од Музејот, мозаикот е откриен само по периферниот дел од истражуваната површина, а конечните резултати ќе овозможат попрецизни сознанија за неговиот обем, зачуваноста и архитектонскиот контекст.

    Најдени се и керамички материјал и монета кои потекнуваат од доцноантичкиот период. (Фото: Археолошки музеј)

    „Ова е уште еден показател колку археолошки потенцијал останува неистражен, дури и во непосредната околина на Скопје. Но, покрај научните резултати, сакам да истакнам нешто што сметам дека заслужува внимание. Општина Кисела Вода е еден од ретките примери на локална самоуправа која целосно финансира археолошки истражувања“, вели директорката на Археолошкиот музеј, Магдалена Манаскова.

    По завршувањето на археолошките ископувања, планирано е спроведување геофизички истражувања во дворот на манастирскиот комплекс, со цел да се утврди евентуалното постоење други, досега неистражени архитектонски остатоци. Од наредната година се планира започнување конзерваторски зафати од страна на Конзерваторскиот центар, со цел соодветна заштита и зачувување на откриените остатоци.

    Раководител на археолошките истражувања е Радомир Ивановиќ, виш кустос во Археолошкиот музеј. Во стручниот тим учествуваат Мартин Гиевски, Филип Аџиевски, Трајан Зафировски и Бојко Стојановски од Муззејот, Никола Веселинов од Конзерваторскиот центар и Христијан Талевски од Институтот за старословенска култура во Прилеп.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира