„ПАМУКОВА КРАЛИЦА“, ДЕБИТО НА СУДАНСКАТА РЕЖИСЕРКА СУЗАНА МИГРАНИ, ОСВОИ ЗЛАТЕН АЛЕКСАНДАР НА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛ

    „ПАМУКОВА КРАЛИЦА“, ДЕБИТО НА СУДАНСКАТА РЕЖИСЕРКА СУЗАНА МИГРАНИ, ОСВОИ ЗЛАТЕН АЛЕКСАНДАР НА СОЛУНСКИОТ ФЕСТИВАЛПобедниците во трите натпреварувачки селекции на 66. Солунски филмски фестивал. (Фото: ТИФФ)

    Наградата за најдобар долгометражен филм „Златен Александар – Тео Ангелопулос“, придружена со парична награда од 10.000 евра, му беше доделена на филмот:

    „Памукова кралица“, деби на суданската режисерка Сузана Миргани, победи на 66. Солунски филмски фестивал и ја освои наградата Златен Александар за најдобар филм во Меѓународната конкуренција и 10.000 евра. Филмот е приказна за еманципација на млада девојка, берачка на памук во долината на Нил, од традиционалните семејни стеги борбата за преземање контрола врз својот живот.

    Суданската режисерка Сузана Миргани со наградата за „Памукова кралица“. (Фото: ТИФФ)

    „Оваа награда значи многу повеќе отколку што мислите, особено во овие проблематични времиња на војна и геноцид, за филм во кој глумат актери раселени од своите домови во Египет, каде нашле засолниште. Охрабрувачки е што сè уште можете да создавате уметност во толку мрачни времиња и да добивате признание“, рече режисерката Миргани која живее во Катар.

    „Сребрен Александар“ со парична награда од 5.000 евра освои „Трагач на плажата“ од Аристотелис Марагкос, приказна за морнар кој трагајќи по плажите ќе го најде остатоци од бродот на татка си и ќе се опседне со ободот да го реконструира.

    Германскиот „Карла“, деби на режисерката Кристина Турнацес освои 3 награди – за најдобро сценарио за Ивон Герлах, наградата на критиката ФИПРЕСЦИ и Наградата на публиката. (Фото: ТИФФ)

    За најдобар актер е награден Хари Мелинг за „Пилион“ од Хари Лајтон, а најдобра актерка е Сабрина Амали за „Мејсун“ од Ненси Бинијадаки.

    Германскиот „Карла“, деби на режисерката Кристина Турнацес освои 3 награди – за најдобро сценарио за Ивон Герлах, наградата на критиката ФИПРЕСЦИ и Наградата на публиката. Филмот е заснован врз вистинска приказна инспирирана од животот на мајка ѝ на Герлах, за 12-годишно девојче кое во 1962 во Минхен го обвинува татко ѝ за сексуална злоупотреба и мора сама да се соочи со судскиот систем. Филмот за осетлива тема е направен со многу осет, а ФИПРЕСЦИ го смета за „моќна социјална драма“ во која режисерката „со сигурност ја визуелизира приказната од гледна точка на детето, но сепак нè потсетува дека жртвата е отфрлена од општеството“. Улогата на Карла извонредно ја игра талентираната Елиз Крипс, 12-годишната ќерка на прочуената белгиска актерка Вики Крипс.

    „Би сакала да ѝ се заблагодарам на Карла за нејзината храброст, за тоа што се спротивстави на целото семејство и ги бранеше своите права. Таа се погрижи нејзиниот глас да биде слушнат, и покрај тоа што немаше соодветни зборови да опише сè што ѝ се случи. Никогаш не се откажа. Дури и денес, едно од две деца во секоја училница е сексуално злоупотребено, а многу од овие инциденти се случуваат во рамките на домаќинството. Постои стигматизација, негирање, виктимизација. Она што се обидуваме да го постигнеме преку нашиот филм е да го промениме овој наратив и да ги засилиме гласовите на преживеаните. Мора да ги слушаме децата, дури и ако немаат соодветни алатки за да го искажат својот глас. Правото на живот е нешто навистина и исклучиво ваше. Тоа е фундаментално право кое мора да биде еднакво за сите, нешто што ви е дадено со раѓањето и нешто што никогаш не смее да се оспорува или прекршува. Општество кое го гарантира правото на живот подеднакво за сите свои членови е навистина прогресивно општество. Сè уште имаме многу работа да направиме“, рече режисерката Турнацес.

    Во селекцијата Филмски напред победи „1001 кадар“ од иранската режисерка Мехрнуш Алија. (Фото: ТИФФ)

    Во селекцијата „Запознај ги соседите“ победи италијанскиот „По една последна за по пат“ на Франческо Сосаи кој доби и парична награда од 10.000 евра. Филмот е своевиден роуд муви, патешествие на двајца средовечни пријатели низ кафеаните во Венето во потрага и во чест на последните моменти на уживање и мала среќа. Жирито рече дека го наградува за „поетската прецизност со која филмот прикажува сентиментално патување низ мали градови и кривулести патишта на Северна Италија, преплавено со носталгија за ‘добриот стар свет’ кој престанал да постои. Прослава на животот што е подеднакво еуфорија и меланхолија“.

    Во селекцијата Филмски напред победи „1001 кадар“ од иранската режисерка Мехрнуш Алија, приказна за кастингот за улогата на Шехерезада што го прави славен режисер за екранизација на „1001 ноќ“, при што тој се открива како злобен манипулатор чија цел е злоупотреба на анктерките. Наградата носи и 8.000 евра.

    „Овој филм е направен со речиси никаков буџет, во суштина од група пријатели кои се занимаваа со многу тешка тема“, рече режисерката Алија за филмот снимен без дозвола од иранските власти и со непрофесионална екипа.

    Француската ѕвезда Изабел Ипер, една од најголемите современи актерки во светот, беше почесна гостинка на фестивалот, имаше ретроспектива на 15 нејзини филмови, а доби и почесен Златен Александар за животно дело.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира