ПАРАХОД ПОЛН СО ПАТНИЦИ ПРИСТИГНА НА ШИРОК СОКАК, БИТОЛА ДОБИ МОРЕ НА ФОТОГРАФСКА ИЗЛОЖБА

    ПАРАХОД ПОЛН СО ПАТНИЦИ ПРИСТИГНА НА ШИРОК СОКАК, БИТОЛА ДОБИ МОРЕ НА ФОТОГРАФСКА ИЗЛОЖБАФотографијата на битолскиот фотограф Димитар Чунговски бродот полн луѓе се враќа во Битола, беше поставена на изложбата “ Со љубов за Битола“ (Фото: СДК.МК)

    Ако во народната песна параходот ги носи печелбарите во белиот свет, на фотографијата на познатиот битолски фотограф Димитар Чунговски бродот полн луѓе се враќа во Битола. Фотографијата го носи името „Параходот ми пристигна“ и на неа градот на печалбарите Битола добива море. Направена е преку фотомонтажа, од едната страна е фотографирана амбиенталната битолска улица Широк Сокак во зима, а од другата страна директно на плоштадот Магнолија допловува брод полн луѓе.

    Авторот Чунговски вели дека мотив за фотогрфијата не му било печалбарството, но кај оние кои ја гледаат често пати предизвикува асоцијации поврзани со оваа тема која е актуелна и денес поради иселеничкиот бран во Битола.

    „ ‘Битола има море’, така се викаше цикусот фотографии од кој таа беше дел. Немаме море, ама ете имаме и море и брод. Во неа испреплетен е и хумор и фотографија од мојот град. Не е поврзана со иселувањето, а фотографијата ја насловив ‘Параходот ми пристигна’. Луѓето на неа не заминуваат, доаѓаат , сепак се отвора морето и доаѓаат луѓето во Битола“, вели Чунговски.

    Оваа негова фотографија беше поставена на изложбата “ Со љубов за Битола“ во организација на ЦЕРИ и во партнерство на Центарот за култура, каде Чунговски беше дел од жирито кое оценуваше трудови на 30 битолски професионални фотографи и аматери кои од поинаков агол ја презентираа Битола.

    Чунговски е познат по неговите оригинални и несекојдневни фотографии. Така, пред неколку години беше меѓу првонаградените на меѓународниот „Фото фест“ во Битола со фотографија на која успеа легендарното француско возило „рено 4“, популарно во социјалистичките земји во текот на минатиот век, кое и денес може да се сретне како крстосува низ улиците, да го фотогрфирал како вселенски брод.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари