„ПЕТРУНИЈА“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ЈА ДОБИ ПРВАТА НАГРАДА НА АРАПСКИОТ ФИЛМСКИ ЦЕНТАР ЗА НАЈДОБАР ЕВРОПСКИ ФИЛМ

    „ПЕТРУНИЈА“ НА ТЕОНА МИТЕВСКА ЈА ДОБИ ПРВАТА НАГРАДА НА АРАПСКИОТ ФИЛМСКИ ЦЕНТАР ЗА НАЈДОБАР ЕВРОПСКИ ФИЛМНаградата во Каиро на продуцентката и актерка Лабина Митевска ѝ ја врачиле претставници од ЕФП, арапскиот филмски центар и директорот на Меѓународниот филмски фестивал (Фото: Агенција за филм)

    Филмот на режисерката Теона Стругар Митевска „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ ја доби првата награда за најдобар европски филм од жири составено од арапски критичари. Наградата за најдобар европски филм според арапските критичари е иницијатива на Арапскиот филмски центар и програмата Европска филмска промоција, каде Агенцијата за филм на Северна Македонија е членка од 2009 .

    „ 42 филмски критичари од 13 арапски земји го избраа најдобриот европски филм од 24 пријавени филмови од цела Европа. Наградата има за цел да ја промовира европската кинематографија во арапскиот свет и да го насочи интересот на дистрибутерите и клучните играчи во индустријата кон квалитетни европски филмови, истовремено ставајќи ги во фокус истакнатите филмски критичари од голем број на арапски земји и нивната исклучителна улога во отворањето на нови перспективи и премостувањето на културните разлики“, вели Агенцијата за филм.

    Наградата во Каиро на продуцентката и актерка Лабина Митевска ѝ ја врачиле претставници од ЕФП, арапскиот филмски центар и директорот на Меѓународниот филмски фестивал.

    „Апсолутно сме воодушевени што првата награда од арапски критичари ја доби филм во режија на жена, со еднакво извонредна главна женска улога. Неговата силна порака која се залага за еднакви права за жените е универзална“, изјавила претседателката на ЕФП и директорка на Чешкиот филмски центар Маркета Сантрохова.

    „По светската премиера на Берлинскиот филмски фестивал, филмот досега е дистрибуиран во 28 земји низ светот и прикажан на 74 филмски фестивали со 23 освоени награди, вбројувајќи се во еден од најуспешните македонски филмови досега. Филмот е еден од трите европски филмови во официјалната селекција за престижната награда на Европскиот парламент – Лукс, која ќе се доделува в среда во Брисел. Како дел од трите финалисти, филмот беше преведен на сите 24 јазици кои се зборуваат во Европа“, вели Агенцијата за филм.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира