ПО 22 ГОДИНИ ВО НОБ ОБНОВЕН БАЛЕТОТ „ЖИЗЕЛ“, АДАПТАЦИЈАТА Е НА ХРВАТСКАТА ЕКСПРИМАБАЛЕРИНА ПАСАРИЌ

    ПО 22 ГОДИНИ ВО НОБ ОБНОВЕН БАЛЕТОТ „ЖИЗЕЛ“, АДАПТАЦИЈАТА Е НА ХРВАТСКАТА ЕКСПРИМАБАЛЕРИНА ПАСАРИЌПрвенката Марија Кичевска-Шокаровска ќе ја игра Жизел на премиерата на 30 октомври. (Фото: Е. Петров)

    Романтичниот балет „Жизел“ од Адолф Адам, после 22 години доби обновена верзија во Националната опера и балет (НОБ ), а премиерата е закажана на 30 октомври во 20 часот. Од неговата праизведба во Париз 1841 па до денес, тоа е еден од ретките балети кој има непрекината традиција на изведување.

    Во Скопје за првпат е изведен на 7 ноември 1956, а последен пат бил обновен во 1999, според кореографијата на Леонид Лавровски. Тогаш сценографијата ја работел Милета Лесковац, а костимите Александар Ношпал.
    Балетот „Жизел“ за последен пат во НОБ е игран на 23 март 2018.

    Адаптацијата денес ја работи Ирена Пасариќ од Хрватска, според кореографијата на Жан Корали, Жил Перо, Мариус Петипа и Леонид Лавровски. Пасариќ е поранешна хрватска примабалерина со богата домашна и меѓународна кариера, како и ексдиректорка на Балетот на Хрватско народно казалиште (ХНК) во Загреб.

    Насловната улога, како што ни рече уметничката директорка на Балетот Олга Панго, ја подготвуваат првенките Марија Кичевска-Шокаровска и Мими Поп Алексова-Атанасова, а улогата на Алфред, првенците Василиј Чичијашвили и Бобан Ковачевски. В сабота на сцената ќе ги видиме Кичевска-Шокаровска и Чичијашвили.

    На премиерата со Оркестарот на НОБ ќе диригира Иван Еминовиќ.

    Сценографијата е на Ношпал и Михајло Стојановски, а костимите на Ношпал. Репетитори се Горан Божинов, Александра Мијалкова, Лора Тарчуговска и Билјана Пашариковска.

    Во балетската екипа се и Игор Веланоски, Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Ендру Кук (Англија), Марија Јосифовска-Ристовска, Марија Брдароска, Александар Петковски.

    Од НОБ потсетсуваат дека е задолжително носење на маска за време на изведбата, а влезот е дозволен со само со потврда за извршена вакцинација против ковид-19.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира