Академик Иван Катарџиев, еден од основоположниците на македонската историска наука, почина на 92 години, соопшти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
По повод смртта на академик Катарџиев, комеморацијата ќе се одржи во Свечената сала на МАНУ, в понеделник, на 3 декември во 11 часот.
Академик Катарџиев е роден во 1926 година во село Плоски, околија Сандански во Бугарија. Во 1946 година, за потребите на културната автономија на пиринскиот дел на Македонија, е испратен на студии во Скопје, каде се запишал на Катедрата за историја на Филозофскиот факултет. Студиите ги продолжил во Загреб, но поради случувањата поврзани со Резолуцијата на Информбирото од 1948 година бил принуден да се врати во Скопје, каде ги продолжил своите студии. Дипломирал на Филозофскиот факултет во 1951 година, а во учебната 1951/1952 година бил професор во Гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Катарџиев е истакнат научник со вонредно богат научен опус во областа на историските науки. Предмет на неговиот научен интерес е историјата на македонскиот народ во последниве два века, а посебно историјата на национално-ослободителното движење и борбите за слобода и самостојност на македонскиот народ. Тој е автор на 17 книги од кои три се објавени на странски јазици. Се смета за веројатно најдобриот познавач на збиднувањата од крајот на 19 и од првата половина од 20 век и за експерт за прашањата врзани со Внатрешната македонска револуционерна организација.
Од 1972 до 1978 година бил директор на Националната библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. За редовен член на МАНУ е избран во 2003 година.