ПОЧИНА АКТЕРКАТА ОД МНТ СОЊА КАРАНЏУЛОВСКА

    ПОЧИНА АКТЕРКАТА ОД МНТ СОЊА КАРАНЏУЛОВСКАЗначајна и карактеристична ѝ е монодрамата „Клитемнестра“ во продукција на МНТ, чија премиера беше на 9 октомври 2002. (Фото: МНТ)

    Актерката Соња Каранџуловска почина на 77 години, соопшти нејзината матична куќа Македонски народен театар (МНТ). Каранџуловска дипломирала на Факултетот за драмски уметности  (ФДУ) во Скопје во 1971,  во првата генерација на дипломирани актери, во класата на проф. Илија Милчин. Во МНТ работи од 1974 до 2014.

    На сцената на МНТ игра уште пред вработувањето. Прва улога и е Авдотја во претставата „Децата на сонцето“ (1973), во режија на Илија Милчин. Следуваат, меѓу останатите, Ангелина во „Потоп“ (1974), Лиза Дроздова во „Бесови“ (1978), Малтескињата Лезли во „Кенгурски скок“ (1979), Валерија во „Лов на диви пајки“ (1979), Паулина во „Череп“ (1980), Рената во „Војна и мир во Груда“ (1981), Нора во „Габи“ (1982), Анка во „Госпоѓа министерка“ (1983), Доли, пудлата, во „Воена тајна“ (1984), Мараја во „Слободни врски“ (1984), Клара во „Големиот брилјантен валцер“ (1986), Марија Луиса Балванера во „Еригон“ (1999), Болничарка во „Мара/Сад“ (2008), а последна и е улогата во „Троил и Кресида“ (2010).

    Значајна и карактеристична и е монодрамата „Клитемнестра“ во продукција на МНТ, чија премиера беше на 9 октомври 2002. Истата година со оваа претстава настапува на Фестивал на монодрама во Битола, фестивалот на монодрама во Земун и на „Барско лето“, Бар, во 2003 година.

    „’Клитемнестра’ е резултат на она што ја карактеризираше Каранџуловска – желбата да се биде на сцена, огромната амбиција кон големите дела и беспрекорната работливост што ја красеше“, велат од МНТ.

    Покрај во театар, играше и на филм во „Новогодишен карусел“ (ТВ филм, 1979), „Томе од бензиската пумпа“ (ТВ филм, 1979), „Време води“ (1980), „Хај-фај“ ТВ филм, 1987), „Пикасо“ (ТВ филм, 1987), „Марија лета со авион“ (ТВ филм, 1988), „Денес, утре“ (ТВ филм, 1998) и „Година на мајмунот“ (2018). Игра и во сериите „Македонски народни приказни“ (од 1994 до 2017), „На наш начин“, „Легенди и преданија“, „Трето доба“, „Погрешно време“, „Обични луѓе“, „Од денес за утре“, „Турни ме да кинисам“, „Приказни од животот“ и „Преспав“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира