Aктерката Таска Балабанова, чиј глас беше беше бренд на Македонското радио и на цртаните филмови со кој израснаа многу генерации, почина во Скопје по долго и тешко боледување. Имаше 85 години.
„Гласот на Таска Балабанова беше бренд на Радио Скопје. Глас што со децении галеше, растажуваше, засмеваше. Многу генерации израснаа со тој глас. Тоа беше нашиот Фејсбук. Неразделна другарка на мајка ми Цветанка Трпкова, пред микрофон и надвор од студио. Како дете се восхитував на хармонијата од нејзиниот глас и изглед. Така некако си ја замислував совршената жена. Нека и’ е лесна земја“, напиша актерката и професорка Синоличка Трпкова на Фејсбук во омажот за Балабанова.
Родена во Велес, Балабанова актерската кариера ја почна во некогашниот Младинско-куклен театар од кој во 1965 е формиран Драмскиот театар. Од театарот прејде во Радио Скопје, каде до пензионирањето работеше како радиоактерка и го позајмуваше гласот во бројни радиодрами, во „Веселата емисија“, „Лирското интермецо“, култната серија „Хихирику“. Нејзиниот глас останува запаметен и како ликот Олива во цртаниот филм „Попај морнарот“, како и насинхронизациите во цртаната серија „Штрумфови“.
Играше и во филмовите и тв сериите „Средба“, „Едно лето“, „Илинден“. „Време на летала“, „Трето доба“, „Мугра“, „ Македонски народни приказни“ и „Време – живот“, а ги снимаше и првите реклами во 1950-те години. Издаде и интерпретации на приказни за деца.
Балабанова ќе биде погребана в петок во 10,30 часот на градските гробишта во Бутел во Скопје.