Почина популарниот актер Гоце Тодоровски, потврдија од Драмски театар, неговата матична куќа. Имаше 75 години.
Роден е во Кичево на 30 април 1951 . Основното, средното и високото образование ги заврши во Скопје, а во 1976 дипломира на Отсекот за драмски актери при Вишата музичка школа. Уште како студент учествува во продукции на Драмски театар Скопје, каде што во 1978 станува постојан член на ансамблот. Во Драмски останува до пензионирањето во 2018.
Во кариерата од 4 децении на матичната сцена оствари 43 улоги во претстави од различни жанрови. Неговата театрографија започнува со „И бол и бес“, а низ годините ги создаде Цанде во „Солунски патрдии“, Помалиот брат во „Чудото на Свети Ѓорѓи“, Мачорот Џингискан во „Мачорот Џингискан и Мики Траси“, Ачко во „Викенд на мртовци“, Питу во „Сара Бернар“, сер Тоби Ждригало во „Ноќ спроти водици“, Петар во „Собирен центар“, Главниот во „Ова не е американски филм“, Панталоне во „Арлекин или Слуга на двајца господари“, Осман-бег во „Ладало“ и многу други. Ставре во „Како да се ограби банка“ беше неговата последна улога на сцената на Драмски театар.
„Тодоровски беше дел од три претстави што прераснаа во вистински театарски феномени: ‘Солунски патрдии’, ‘Болва во уво’ и ‘Викенд на мртовци’. Секоја од нив живееше на сцената повеќе од две децении, со генерации гледачи што ги знаеја ликовите и репликите речиси како дел од сопствените семејни приказни. Во ‘Солунски патрдии’, критиката неговата изведба ја опиша како речиси самостојна артистичка вечер, истакнувајќи ја леснотијата со која се преобразуваше од лик во лик и свежината и неповторливоста на неговите комични нијанси“, велат од Драмски.
Тодоровски освен во комедии, играше и други улоги како: Ангеле во „Лет во место“, во режија на Слободан Унковски, Питу во „Сара Бернар“ , како и во „Ревизор“, „Собирен центар“ и „Ова не е американски филм“.
Учествуваше во повеќе од шеесет филмски и телевизиски продукции, меѓу кои „Црвениот коњ“, „Среќна Нова ’49“, „Викенд на мртовци“, „Пред дождот“, „До балчак“, „Ослободување на Скопје“, „Ругање со Христа“, „Преспав“ и „Бистра вода“. За многумина останува неразделен дел и од „Бушава азбука“, „Хихириху“ и „Македонските народни приказни“.
Со Ванчо Петрушевски, Благој Чоревски и Ѓорѓи Колозов ја основаа комично-сатиричната театарска трупа „Модро окце“. Работеше и со македонската заедница во Австралија, каде што режираше и играше во претстави на театарот „Бумеранг“.
За улогата на Цанде во „Солунски патрдии“ во 1980 ја доби наградата за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Во 1986 е прогласен за најпопуларно телевизиско лице, во 2020 ја добива наградата „Свети Јоаким Осоговски“ за значаен придонес во театарот и уметноста.
Тодоровски во 2025 ги доби државната награда „23 Октомври“ и наградата за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“, а во 2023 претседателскиот Орден за заслуги.



