Прославениот британски филмски и театарски актер Ијан Холм почина на 88 години, потврди неговиот агент, додавајќи дека тој веќе некое време боледувал од Паркинсонова болест.
Во кариерата која се протегна низ седум децении, Холм извонредно се снајде во најразновидни улоги, од андроид и хобит до Шекспировиот репертоар, остварувајќи култни улоги во филмови како „Бразил“, „Осми патник“ и „Петтиот елемент“. За улогата на атлетскиот тренер во „Огнени кочии“ беше номиниран за Оскар во 1982 година.
Тој се здоби со нова генерација фанови со улогата на Билбо Багинс во трилогиите „Господар на прстените“ и „Хобит“, завршувајќи ја својата актерска кариера во 2014 година.