ПОЧИНА ФРАНЦУСКАТА ФИЛМСКА ИКОНА АЛЕН ДЕЛОН

    ПОЧИНА ФРАНЦУСКАТА ФИЛМСКА ИКОНА АЛЕН ДЕЛОНСвоевремено нарекуван најубавиот маж на филмското платно, Делон беше ѕвезда на златната ера на францускиот филм (Фото: Гети)

    Француската филмска легенда Ален Делон почина на 88 години.

    Тој почина мирно во својот дом во Души, окружен со неговите три деца и неговото семејство“, стои во соопштението објавено од новинската агенција АФП.

    Делон беше во лоша здравствена состојба во изминатите години и живееше повлечено, а последен пат се појави во јавност во мај 2019.

    Своевремено нарекуван најубавиот маж на филмското платно, Делон беше ѕвезда на златната ера на францускиот филм. Во кариерата сними повеќе од 90 филмови и иако неговите улоги станаа поретки од 1990-тите, остана присутен во медиумите и во јавниот живот на Франција.

    Роден во 1935 во предградие на Париз, Делон бил исклучен од неколку училишта, а потоа и нечесно отпуштен од војската, пред да премине во актери. Тој бил забележан од холивудскиот продуцент Дејвид Селзник во Кан и потпишал договор, но одлучил да се проба во францускиот филм и дебито го имал во 1957 година. Згодниот изглед на Делон оставил впечаток и тој веднаш почнал да добива главни улоги, а со врската со актерката Роми Шнајдер ја зацементирал својата репутација на секс симбол.

    Во 1960 сними два филма кои постигнаа голем меѓународен успех, „Под жешкото сонце“ и „Роко и неговите браќа“, а него го направија голема ѕвезда. Со него се идентификуваше оживувањето на француската кинематографија во 1960-тите, при што снимаше со режисери како Годар, Висконти, Антониони и Мал. Неговата слава беше толку голема што се обиде да направи пробив и во филмовите на англиски јазик, но откако сними неколку недоволно успешни филма, се врати во Франција.

    Во 1967 година го сними култниот филм „Самурај“, во кој глумеше платен убиец, по што следеа уште неколку познати улоги во криминалистички филмови.

    Излегувањето на филмот „Базен“ беше проследено со голем јавен скандал, откако телохранителот на Делон, Стефан Марковиќ, беше убиен во 1968 година, за што беше обвинет, а потоа и ослободен озлогласен криминалец и долгогодишен пријател на актерот.

    Делон продолжи да снима редовно и во 1970-тите, но со помал успех од порано. Во 1997 објави дека се пензионира од глумата.

    Никогаш не бил номиниран за Оскар, но ја доби француската награда Цезар за најдобар актер во 1985 и прими почесен Златен лав во Кан и почесна Златна мечка на Берлинале.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира