Виктор Вилис, фронтменот на диско групата „Вилиџ пипл“, почина на 74 години, објави бендот на социјалните мрежи. Тој беше главен вокал и коавтор на најголемите хитови на групата, како „YMCA“, „Go West“ и „In The Navy“.
Групата стана меѓународно позната во 1970-тите благодарение на стереотипните маџо имиџи на членовите. Вилис настапуваше како полицаец или морнарички офицер.
Тој го напушти бендот во 1980 и потоа со години водеше судски битки за авторските прави на песните што ги напишал. Во 2017 се врати во групата и заедно со неа настапи на инаугурацијата на Доналд Трамп во јануари 2025.
Вилис пеел госпел, џез и соул како помлад, а после колеџ настапувал и во бродвејски претстави. Во 1977 го запознал францускиот продуцент Жак Морали, кој го ангажирал да пее придружни вокали на нови диско песни што ги напишал. Демото со четири песни насловено „ The Village People“ ѝ обезбедило на групата договор со издавачка куќа, по што Морали го наговорил Вилис да стане фронтмен.
Групата објави два студиски албума во 1978, следени од концертниот албум „Go West“, чија насловна песна стана геј химна.
Иако набргу потоа ја напушти групата, Вилис тешко се дистанцираше од нејзиниот имиџ и не беше сериозно сфатен како соло музичар, поради што имаше проблеми со дрога и депресија.
Откако во 2015 стана 50-постотен сопственик на 13 песни на „Вилиџ пипл“, тој се врати во групата во 2017 и продолжи да настапува со неа.



