Клаудија Кардинале, гламурозниот симбол на повоената италијанска кинематографија, почина на 87 години во својот дом во Франција.
„Таа ни остава наследство на слободна и инспиративна жена, и како жена и како уметница“, изјави нејзиниот менаџер Лоран Саври.
Кардинале имаше шестдецениска кариера, прославувајќи се за време на златната доба на италијанскиот филм, при што соработуваше со филмски величини како Федерико Фелини и Лукино Висконти.
Родена во Тунис во 1938 година, Кардинале победила на избор на убавина на 16 години, а за награда добила патување на Венецискиот филмски фестивал. Таму била забележана од режисери и продуценти, кои ѝ понудиле да снима филмови.
Како тинејџерка добивала мали улоги, кога била силувана. Кога дознала дека е бремена, ја убедиле да се породи тајно во Лондон и неколку години го претставувала својот син Патрик како помлад брат.
Се прослави во 1963 со филмот „Осум и половина“ на Фелини и со историската драма „Леопард“ на Висконти.
„Висконти ме сакаше како бринета со долга коса. Фелини ме сакаше русокоса“, рече Кардинале.
Во 1960-тите работеше и во Холивуд, при што се појави во „Пинк пантер“ на Блејк Едвардс и „Беше еднаш на западот“ на Серџо Леоне. Критичарите ја фалеа како отелотворение на повоениот европски гламур.
Откако се раздели од филмскиот продуцент Франко Кристалди во почетокот на 1970-тите, ја започна долготрајната врска со режисерот Пасквале Сквитиери, со кого ја доби ќерката Клаудија.
Кардинале продолжи да снима и во следните децении, а последната улога ја оствари во 2022. Во 2002 ја прими наградата за животно дело на Берлинскиот филмски фестивал.
„Живеев повеќе од 150 животи: проститутка, светица, романтичарка, секаков вид жена и прекрасно е што ја имав оваа можност да се менувам“, кажаа таа своевремено.