ПОЧИНА ЈАПОНСКИОТ ПИСАТЕЛ И НОБЕЛОВЕЦ КЕНЗАБУРО ОЕ

    ПОЧИНА ЈАПОНСКИОТ ПИСАТЕЛ И НОБЕЛОВЕЦ КЕНЗАБУРО ОЕОе ја доби Нобеловата награда во 1994 (Фото: АП)

    Кензабуро Ое, вториот Јапонец кој ја добил Нобеловата награда за литература, почина на 88 години, објави издавачот „Коданша“. Тој беше награден за книгите во кои што пишуваше за ужасите на војната и за неговиот хендикепиран син.

    Ое имаше десет години кога Јапонија беше поразена во Втората светска војна и своевремено кажа дека ужасните приказни за атомското бомбардирање на Хирошима го инспирирале да стане писател. Во интервју од 2014, Ое кажа дека Јапонија сноси одредена одговорност за Втората светска војна.

    Друга движечка сила на неговото пишување беше синот Хикари, кој се родил во 1964 година со оштетувања на мозокот. Хикари со години не можел да комуницира со семејството, а како возрасен станал композитор. Ое кажа дека добар дел од неговото пишување беше обид да му се даде глас на Хикари.

    Во неколку книги на Ое има ликови засновани врз Хикари и тие беа издвоени од Нобеловиот комитет кога му ја додели Нобеловата награда во 1994.

    Ое студирал француска литература на Универзитетот во Токио и уште во тоа време почнал да објавува приказни. По Нобеловата награда одби да го прими високото јапонско признание Ред на културата зашто ја доделува царот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира