Клајв Дејвис, еден од највлијателните извршни директори во историјата на рок и поп музиката, почина на 94 години во својот дом во Њујорк. Поранешниот шеф на издавачките куќи „Колумбија“ и „Ариста“ е заслужен за кариерите на Џенис Џоплин, Брус Спрингстин, Били Џоел, Витни Хјустон, Кристина Агилера, Алиша Кис и многу други.
Роден во Бруклин во 1932, Дејвис дипломирал право и немал никакви познавања од музичката индустрија кога се вработил во „Колумбија рекордс“ на 28 години. Неговиот прв голем успех бил кога го убедил Боб Дилан да остане во „Колумбија“, за потоа да биде промовиран во потпретседател во 1965, а набргу стана и претседател. Меѓу музичарите со кои потпишал биле „Сантана“, „Аеросмит“, „Пинк Флојд“ и Брус Спрингстин, давајќи ѝ нов живот на издавачката куќа.
„Не морав да имам уво, но мислам дека развив. Дали имаше природно уво кое се активираше, не знам, но кога ќе ги видите Џоплин или Спрингстин, едноставно знаете“, кажа Дејвис во една прилика.
И покрај големите успеси, Дејвис бил избркан од „Колумбија“ откако бил обвинет дека користел средства од компанијата за плаќање лични трошоци. Неколку месеци подоцна, тој ја основал сопствената издавачка куќа „Ариста“ и веднаш остварил комерцијални и критички успеси, потпишувајќи со имиња како Бери Манилоу и Пети Смит.
Во 1983 ја открил тогаш 19-годишната Витни Хјустон, но долго време не можел да најде продуценти и композитори што ќе одговараат на нејзиниот глас. Кога нејзиниот деби албум излезе во 1985, тој содржеше три американски хита број еден и се продаде во 25 милиони примероци. Хјустон остана блиска со Дејвис цел живот.
Во 1999, Дејвис му помогна на Карлос Сантана да ја оживее својата кариера, убедувајќи го да сними дуети со современи изведувачи, по што ја напушти „Ариста“ и ја основа „Џеј рекордс“, одговорна за лансирање на кариерите на Алиша Кис и „Марун5“.
Во текот на 60-годишната кариера, Дејвис освои шест Греми награди и беше примен во Рокенрол халата на славните.
„Музиката е неопходна состојка во животот на луѓето. Без разлика каква револуција се случува во технологијата, музиката нема да застари. Луѓето едноставно имаат потреба од музика. Таа е многу, многу природна основна состојка, што е неопходна за целосно уживање во животот“, кажа Дејвис во едно интервју.




