Легендарниот чешки режисер Јиржи Менцел, кој освои оскар за својот прв игран филм „Строго контролирани возови“, почина на 82 години по сериозни здравствени проблеми, потврди неговото семејство. Менцел ретко се појавуваше во јавност откако пред три години преживеа мозочен удар.
Заедно со Милош Форман, Менцел важеше за една од водечките фигури на новиот бран на чешкиот филм. „Строго контролирани возови“ беше прогласен за најдобар странски филм на Оскарите во 1968 година и тоа беше прва од многуте соработки на Менцел со писателот Бохумил Храбал.
„Повеќе од сите награди и медали што ги добив за тој филм ми значеше пријателството со Храбал“, изјави Менцел во 2006 година.
Менцел по вторпат беше номиниран за Оскар во 1987 година за „Моето слатко мало село“.
Освен што беше режисер, тој глумеше во повеќе од 80 филмови и работеше во театар.