Крис Кристоферсон, наградуваниот американски кантри музичар и актер кој работеше со Џони Кеш и Мартин Скорсезе, почина на 88 години во својот дом на Хаваи, објави семејството. Покрај тоа што се прослави како автор на песни, вклучувајќи ја „Јас и Боби Меги“ (Me and Bobby McGee), чија најпозната верзија ја испеа Џенис Џоплин, Кристоферсон имаше и усшешна актерска кариера.
„Крисоферсон беше пацифист, револуционер, актер, суперѕвезда, секс симбол и семеен човек“, објави семејството.
Роден во Тексас во 1936, Кристоферсон стана водечка личност во кантри музиката. Откако дипломирал на Оксфорд се вратил во САД и се придружил на војската, каде што предавал литература. Во 1965 го посетил Нешвил и по само две недели ја напуштил војската, по што се преселил во овој град за да гради музичка кариера.
Тој објави 22 албуми во периодот од 1970 до 2016 и трипати освои Греми за најдобра кантри песна.
Како актер дебитираше во 1971 и освои Златен глобус за „Ѕвезда е родена“ во 1977, во кој играше со Барбра Стрејсенд. Помладите генерации го запознаа преку филмскиот серијал „Блејд“.
Во 1985 ја формираше супергрупата „Хајвејмен“, заедно со Џони Кеш, Вејлон Џенингс и Вили Нелсон. Се женеше трипати и доби осум деца.