Американската оперска пејачка Џеси Норман, една од најпознатите сопрани на 20. век почина на 74 години. Оперската дива во 2008 го отвори најголемиот македонски фестивал Охридско лето. Концертот беше насловен „Од Америка со љубов“ со дела од Бернштајн, Гершвин, Вилјамс, Њутн, Кер, а ја придружуваа музичари од Филхармонијата и од Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ).
Родена во Џорџија, Норман беше една од ретките црномурести пејчаки која стана славна во оперскиот свет. Дебитираше на оперската сцена во 1969 во Берлин, а потоа стана позната настапувајќи низ Европа. Првпат пееше во Метрополитен во 1983.
Нејзиното семејство соопшти дека Норман починала во болница во Њујорк, поради сепса и откажување на повеќе органи, компликации кои беа поврзани со повредата на ‘рбетниот столб во 2015.
„Не можам да се сетам на момент во животот кога не сум пеела“, изјави таа во интервју во 2014.
Норман пееше на инаугурациите на претседателите Роналд Реган и Бил Клинтон, како и на прославите на 60. роденден на кралицата Елизабета во 1986.
Има добиено престижни награди како Греми за животно дело во 2006, Национален медал на уметностите во 2009 и француски орден на Легија на честа.
„Горди сме на музичките достигнувања на Џеси и инспирацијата која им ја даваше на публиката низ целиот свет, која ќе продолжи да биде извор на радост. Исто така сме горди на нејзината хуманитарна работа во борбата против гладот, бездомниците, развој на младите, уметностите и културното образование“, стои во изјавата на нејзиното семејство.