ПОЧИНА ПИСАТЕЛКАТА ОЛИВЕРА НИКОЛОВА, АВТОРКАТА НА „ЗОКИ ПОКИ“

    ПОЧИНА ПИСАТЕЛКАТА ОЛИВЕРА НИКОЛОВА, АВТОРКАТА НА „ЗОКИ ПОКИ“Во март 2022 на промоцијата на повторно објавените книги за возрасни, пристуните за Николова рекоа дека е мајка на сите писателки, легендарен автор. (Фото: К. Попов)

    Почина писателката Оливера Николова, една од најплодните и најзначајни македонски писателки, во книжевните кругови позната како мајка на сите македонски писателки, ни  потврди Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ).  Имаше 88 години.

    Родена во Скопје во 1936, дипломирала на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.

    И покрај богатиот книжевен опус, Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската книжевност „Зоки Поки“.

    Во март 2022 на  промоцијата на повторно објавените книги за возрасни, пристуниоте за Николова рекоа дека е мајка на сите писателки, жива легенда, жив класик, а академик Катица Ќулавкова ја опиша како „македонски Вилијам Фокнер“ и пожали што МАНУ не инсистирала повеќе да ја прими во своето членство, и покрај нејзините одбивања.

    Николова е авторка на неколку телевизиски проекти: „Зоки Поки“ (тв-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (тв-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (тв-серија во шест епизоди). Исто така, таа е автор и на неколку радио-игри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ .

    „Вредностите на Оливера Николова во македонската книжевност за деца, од нејзината прва книга, континуирано, се мошне високо рангирани. Сите критичари кои се занимавале со нејзините книги за деца потенцирале дека со нејзиното творештво македонската книжевност за деца се збогатува со дотогаш неоткриени мотиви. Оливера Николова е писателка која сака секогаш да биде нова, која ја истражува и формата, но која пред сè, реагира на животот и на новините кои се случуваат во него менувајќи го сензибилитетот на современото дете“, велат од ДПМ.

    За своето творештво, Николова добила бројни награди. Така, за „Земја во која никогаш не се стигнува“ во 1966 година ја добила наградата на РТВ Скопје и СВП. Во 1975 година повторно ја добила истата награда, овојпат за делото „Пријателите Бон и Бона“. Во 1977 година по третпат ја добила таа награда, за делото „Мојот звук“, кое се закитило и со наградата „Младо покољење“ за 1978 година. Исто така, таа е добитник на „Змаевата награда“ за 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца.Ш2Ќ

    Во октомври 2012 година, за романот „Куќичка“, беше номинирана како македонски претставник за наградата „Балканика“. Во декември 2013 година, го одбележа јубилејот 50 години од литературното творештво, исто колку и познатиот лик од нејзините раскази за деца, Зоки Поки. По тој повод, издавачката куќа „Детска радост“ објави избор од творештвото на Николова во три тома, насловени како: „Ти чука ли срцето за мене?“, „Ми чука ли срцето за тебе?“ и „Ни чукаат ли срцата за нас?“. За своето книжевно дело, Николова ги освои наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, како и „Роман на годината“ на Утрински весник.

    Добитничка е на Орден за заслуги за Македонија во 2024 година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира