Абас Кјаростами, повеќекратно наградуваниот ирански режисер чиј филм „Вкусот на црешите“ во 1997 освои Златна палма на Канскиот фестивал, почина на 76 години во Париз, каде се лекуваше од рак од март годинава.
Иранскиот оскаровец Асгар Фархади, кој вечерва трбаше да оди во Париз за да го посети својот пријател, рече дека е многу тажен и шокиран.
„Тој не беше само филмски автор, тој беше модерен мистик, и во неговите филмови и во приватниот живот. Тој дефинитивно го отвори патот за другите и влијаеше врз огромен број луѓе. Не загуби само филмскиот свет голем човек, целиот свет загуби некого кој е навистина велик“, рече Фархади.
Кјаростами остана во Иран по Исламската револуција во 1979 и сними над 40 филмови, меѓу кои и документарци. Но, последните два филма ги сними во странство.
Кјаростами има огромно влијание во светскиот филм. Францускиот автор Жан-Лик Годар за него рече: „Филмот почнува со Д.В. Грифит и завршува со Абас Кјаростами“.
Тој е единствениот ирански автор кој освоил Златна палма. Лауреатот „Вкусот на црешите“ е минималистички филм за човек која бара некој да го погребе откако ќе се самоубие. Филмот ги истражува иранските граѓански и религиозни ставови на тоа време. Неговиот филм „Десет“ исто така беше во конкуренција за Златна палма. Снимен со две дигитални камери закачени на кола, следат една жена која вози низ Техеран со различни патници и ги истражува општествените прашања за улогата на жените. Во 2005 Кјаростами се здружи со британскиот автор Кен Лоуч и со италијанскиот колега Ермано Олми и го снимија филмот во три дела „Карти“.
Кјаростами напиша и продуцираше филмови на други режисери, најпознат од нив е „Белиот балон“, дебито на Џафар Панахи, кој му беше асистент на режија за „Под маслиновите дрвја“, и кој сега е прогонет од режимот во Техеран.
Иранскиот режисер Мохсен Макмалбаф рече дека иранскиот филм му ја должи глобалната репутација на Кјаростами, но дека неговите филмови не биле многу познати во Иран.
„Кјаростами на иранскиот филм му ја даде меѓународната кредибилност што ја има денеска. Но, неговите филмови, за жал, не можеа многу да се видат во Иран. Тој го смени светскиот филм, го освежи и го хуманизира, во контраст со холивудската груба верзија. Тој беше човек со живот, кој уживаше во животот и кој правеше филмови во слава на животот – затоа е толку тешко да се помириме со неговата смрт“, рече Макмалбаф.