ПОЧИНА РЕЖИСЕРОТ ЖАН-ЛИК ГОДАР, ИКОНАТА НА ФРАНЦУСКИОТ НОВ БРАН

    ПОЧИНА РЕЖИСЕРОТ ЖАН-ЛИК ГОДАР, ИКОНАТА НА ФРАНЦУСКИОТ НОВ БРАНГодар се проби на сцената со крими-драмата од 1960, „До последен здив“ (Фото: АП)

    Легендарниот режисер Жан-Лик Годар, кој го започна и предводеше Новиот бран на францускиот филм, почина на 91 година, објавија француските медиуми.

    Годар се проби на сцената со крими-драмата од 1960, „До последен здив“, по што следеа наслови кои одново ги испишаа филмските правила, како „Презир“, „Банда на аутсајдери“ и „Алфавил“. Неговото творештво донесе нов жар и смелост во филмовите, што влијаеше врз бројни режисери, од Мартин Скорсезе до Квентин Тарантино.

    Годар почнал како филмски критичар пред да застане зад камерата и да дебитира со „До последен здив“. Неговите ѕвезди Жан-Пол Белмондо и Џин Сиберг беа гламурозни на еден нов, лежерен начин, камерата беше динамична, монтажата брза и смела, а сценариото полуимпровизирано.

    Неговиот втор филм „Малиот војник“ беше забранет до 1963, но на снимањето ја запозна идната сопруга Ана Карина, со која соработуваше на уште неколку успешни филмови. Нивниот брак се распадна во 1967.

    Во втората половина на 1960-ите, тој почна да се идентификува со револуционерната политика на своето време и тоа се одрази и врз неговите филмови, кои, набиени со експериментирање и интелектуалност, не поминуваа добро кај критиката и фановите.

    Годар учествуваше и во бројни колективни филмски проекти, а снимаше и кратки филмови и документарци. Неговиот последен игран филм излезе во 2014.

    Во 2011 беше награден со почесен Оскар, но не допатува во Лос Анџелес да го прими, туку се обрати од својот дом во Швајцарија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира