ПОЧИНА СИДНИ ПОАТЈЕ, ПРВАТА ХОЛИВУДСКА ЦРНА СУПЕРЅВЕЗДА

    ПОЧИНА СИДНИ ПОАТЈЕ, ПРВАТА ХОЛИВУДСКА ЦРНА СУПЕРЅВЕЗДАПоатје беше првиот Афроамериканец кој освои Оскар за најдобар актер, за „Лилјани на полето“ во 1964. (Фото: АП)

    Почина актерот Сидни Поатје, најстариот оскаровец. Имаше 94 години. Поатје беше актер чие достоинство и самодоверба почнаа нова ера во претставувањето на Афроамериканците во холивудските филмови, во времето кога движењата за човекови права ја променија Америка.

    Тој беше номиниран за Оскар за најдобар актер за „Пркосните“ во 1958 и беше првиот актер кој не е белец со номинација. „Пркосните“, претходник на филмовите за другарство на мажи од различна раса, даде моќен поглед на расизмот, а Поатје играше со Тони Кертис во улогите на избегани заробеници кои се врзани со исти лисици на рацете.

    Во 1964, годината кога Мартин Лутер Кинг ја освои Нобеловата награда, а Конгресот го донесе Законот за граѓански права, Поатје беше првиот Афроамериканец кој освои Оскар за најдобар актер во „Лилјани на полето“. „Лилјаните“ беше мал филм кој стана голем хит, а Поатје игра мајстор кој помага да се изгради капела за германски калугерки.

    Следниот афроамерикански актер освои Оскар 38 години подоцна.

    Во поголемиот дел од кариерата долга 5 децении, Поатје беше филмска ѕвезда – првата црна холивудска суперѕвезда. Во 1967 играше во 3 хитови: „Во жегата на ноќта“ кој освои Оскар за најдобар фиолм, „На господинот, со љубов“ и „Погоди кој доаѓа на вечера?“, исто така номиниран за најдобар филм. Поатје таа година стана топ ѕвезда на киноблагајните.

    Поатје, кој дојде во Холивуд на 22 години, рече дека тоа што станал единствениот истакнат црн актер во филмовите „изискуваше измачувачко чувство на одговорност – да се биде единствениот црнец на целиот терен на студиото МГМ покрај чистачот на чевли“.

    „Ги носев надежите и аспирациите на цел народ. Немав контрола врз содржината, ниту креативна моќ освен да одбијам да снимам филм, што и го правев“, рече Поатје во едно интервју во 1989.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира